Ако навистина целата актуелна „операција“ на избор на нов претседател на сдсм (малите букви се… знаете веќе што!) деновиве се сведе на „гласање“ на оние пријавени 22.735 активни членови, тогаш таа безрезервно ќе може да се нарече и „кај си бил – никаде, што си правел – ништо“. Или, на омилениот јазик на нивниот екс-претседател: с’што-като исто.
Зашто ако, како што вели Викторија Аврамовска-Мадиќ (актуелна претседателка на ЦИК за избор на претседател на сдсм), спомнатата бројка регистрирани гласачи на внатрепартиските избори е за трипати помала од првите непосредни внатрепартиски избори во 2021 година, тогаш тоа има многукратно значење. И симболика.
Не само што со пријавените „кандидати“ малку ќе си поиграат „избори“ туку ќе го исполнат и вториот аспект на „пророштвото“ на „Боки 13“. Она дека тие ќе станат – секта! Првиот беше веќе исполнет со четворицата пријавени кандидати за упразнетото место: Венко Филипче, Славјанка Петровска, Јован Деспотовски и Александар Бајдевски. Што, де факто, е – „дупло голо“, зашто дали нов претседател ќе стане „заевист“ или „радавист“ е потполно исто.
И затоа и минатиот пат се обидов да укажам на замената на тезите односно одвлекувањето на вниманието на јавноста со контроверзни подметнувања дека баш и не е толку важно за државата што ќе се случува и на што ќе спадне таа партија. Тоа, сепак, воопшто не е неважно прашање, напротив. Не дека државата ќе престане да постои ако го нема сдсм или ако истото биде сведено на „партија-секта“. Меѓутоа, распадот – па нека е и само „идеолошки“ и кадровски, а не е – на една партија што директно учествувала, да не речам го обликувала конституирањето на новата држава како продолжеток на старата, не може да биде без реперкусии по целото општество.
Зошто? Затоа што не се распаѓа само македонска државотворна партија, туку значително, па и опасно, се намалува конзистентноста и моќта на гласачкото тело, се нарушува балансот во македонското политичко ткиво, а граѓанинот – сега или веќе од поодамна – дефинитивно губи верба во политичките капацитети на државата.
Се разбира, не сакам да прејудицирам дека ваквиот крај на оваа партија – особено со ваквата кадровска понуда за првото место во партијата – ќе нѐ фрли во траор и кубење коси, но ако државата, оваа од 1991 година, има некакви симболи, некогашните СКМ-ПДП и СДСМ се еден од нив. Не само во политиката. Оваа сдсм тоа не е. Оттука, просто запрепастува овој молк не само во таа партија пред очигледниот распад и, особено, актуелното кадровско „салто мортале“. Но тоа не е од вчера и трае подолго од деценија и половина. Речиси уште од „тенкистон“, како вовед во зацврстувањето на „сељачкото крило“ во партијата!
Тој молк стана уште погласен со целосното посељачување на партијата со струмичкиот пазарџија, бришењето на секаква „идеологија“ во делувањето на партијата и протежирањето на праматарството како врвен принцип, па сѐ до инсталирањето на „извонреднион“ вежбач кој со својата неспособност ја запечати судбината на партијата. Секако, врв на простотијата и партиската бламажа беше октроирањето на целото партиско раководство на првите места на изборните листи, со што си обезбедија спокојни и одлично платени дополнителни четири години, без оглед кој утре ќе биде на чело на партијата! Или, изненадувањата се елиминирани, а „победникот“ е одамна познат? И ќе ги толерира?
А впрочем, кој и да биде тој „миросан“ од пријавените четворица, ќе се случи ново злосторство во таа партија. Зашто, без соодветна продлабочена анализа на резултатите на катастрофалниот исход на парламентарните избори, без отворањето на сите, до една, причини за таквиот пораз, тој избор ќе биде – фарса. Зашто, што ако некоја утрешна анализа покаже значителна инволвираност на новоизбраниот во причините за изборниот дебакл? Па зарем не беа сите четворица – Бајдевски сепак најмалку! – директно врзани со најтесното раководство, на важни функции, учесници во креирањето на сите лоши политики и слично? И? Сега тој/таа ќе биде новиот претседател на партијата и ќе ужива некаква доверба?
Зашто, извинете но каква доверба може да ужива еден партиски потрчко, една страотно неука персона која глумеше министерка, или оној докторон со сите негови катастрофални опашки по целата држава…? И ниту еден од нив не проговори ни збор против пљачкосувачкот поход на највисоките функционери и нивните семејства во енергетскиот бизнис, застрашувачкиот колапс на целиот здравствен систем, дивеењето на правосудната и урбанистичката мафија, континуираното групашко ограбување на културните фондови, образовната „црна дупка“ во којашто државата – со закон! – дозволува употреба на учебници со 30 проценти грешки во материјалот… итн. Ама сега сите сакаат да бидат – претседател на партијата!?
Но, едновремено, никој, буквално никој од целата таа партија не се осмели да пушти глас против овој синџир од силеџиство, волунтаризам и политикантство на партиската врхушка. Се разбира, би можел овде поименично да ги нотирам сите некогашни видни партиски ликови, почнувајќи од Црвенковски па надолу, од кои се очекуваше барем некаква реакција, но од тоа сега не би имало никаква полза.
Од друга стана, никако немам намера да ги минимизирам изборните успеси на ЗНАМ и Левица кои, со вакво сегашно а очигледно и идно сдсм, ќе преземаат голем дел од незадоволното членство, а ќе регрутираат и нови симпатизери. И тоа ќе придонесе за какво-такво одржувањето на неопходниот баланс на македонската политичка сцена.
П.С.
И, во општата циркусијада со овој „избор“ да не остане неречено: една од кандидатите за жива глава нема да го тргне зборот Македонија од името на партијата! Дури ни за огромните пари – наши пари – што таа партија ги добива секоја година, за „лепе очи“. Е па сега, после сѐ што ѝ приредија на државава, особено со името, мерете ѝ го умот на кандидатката!
Извор: Теодосиевски уметност