ДУИ РАБОТИ ЗА БЕЛГРАД, А НЕ ЗА КОСОВО Вреди објави нови тврдења против Османи и Ахмети

Вреди ја обвинува ДУИ дека дозволила навлегување на српски капитал и криминални структури во Македонија и дека со својата политика ги загрозува евроатлантските интереси на државата.

575

Од Вреди денеска ја обвинија ДУИ дека одамна престанала да ги застапува интересите на Албанците во Македонија и дека под нејзино водство земјата била изложена на силно економско и политичко влијание од Белград.

Во соопштението се наведува дека во јули 2021 година, кога Бујар Османи бил министер за надворешни работи, а економските ресори биле под контрола на кадри блиски до Али Ахмети, токму ДУИ дало зелено светло за влез на српската компанија МТЕЛ на македонскиот пазар.






„Без нивно одобрение, оваа компанија немаше да добие лиценца,“ реагираат од Вреди.

Оттаму потсетуваат дека истата влада дозволила српскиот и црногорскиот организиран криминал да навлезе во индустријата на казината, при што од три доделени лиценци, две завршиле во рацете на сомнителни компании од Србија и Црна Гора.

„Денес, кога ДУИ лицемерно зборува за опасноста од српскиот капитал, граѓаните треба да се сетат дека токму тие ги отворија вратите и го донесоа овој мрачен капитал во земјата“, стои во соопштението.

Од Вреди додаваат дека документирани се најмалку 11 средби на Бујар Османи со српски функционери, додека, како што велат, нема ниту една со претставници на Косово.

„Како претседавач на ОБСЕ, неговата политика беше во согласност со интересите на Белград, а на штета на Приштина. Тоа е јасен доказ дека ДУИ не ги претставува албанските национални интереси, туку дејствува како алатка на српската дипломатија,“ наведуваат од партијата.

Во Вреди сметаат дека во 2025 година ДУИ отворено се обидува да ја дестабилизира државата, спроведувајќи политика на уцени и блокади.

„Оваа стратегија служи единствено на Србија и ја загрозува евроатлантската ориентација на Македонија“, велат од таму.

„ДУИ е партија што го продаде достоинството на Албанците за лични и клански интереси. Тие го донесоа ‘српскиот свет’ во срцето на земјата, го воведоа МТЕЛ, дозволија пенетрација на српските подземни структури во локалните казина и преку Бујар Османи работеа за Белград и против Косово,“ се додава во реакцијата.

На крајот, Вредии истакнува дека граѓаните веќе ја препознаваат оваа политика на ДУИ и оти партијата повеќе не е фактор на единство и развој.

„Ние ќе продолжиме јасно и гласно да се спротивставуваме на оваа антидржавна агенда, бескомпромисно бранејќи ги евроатлантските вредности и националните интереси на Албанците во Македонија“, порачаа од Вреди.

Поврзани содржини