ДУИ ПРЕДИЗБОРНО СИ ДОДЕЛУВА 320.000 ЕВРА НАРОДНИ ПАРИ? Левица тврди дека парите одат кај партиски послушници
Во дел од невладините организации кои добиле државни пари, велат од Левица, како основачи се јавуваат Државен советник во Министерство за култура и поранешен пратеник на ДУИ, вработени во Министерството за политички систем раководено од Груби, поранешен член на ДИК, вработена во Општина Струга, советничка за протокол во Владата.
Во јавноста излезе информација дека според Одлука за финансирање на граѓански организации, донесена од страна на Министерството на Артан Груби, предизборно ќе бидат поделени околу 325.000 евра народни пари на разни анонимни невладини организации блиски до ДУИ, соопшти денеска Левица.
Во дел од невладините организации кои добиле државни пари, додаваат од партијата, како основачи се јавуваат Државен советник во Министерство за култура и поранешен пратеник на ДУИ, вработени во Министерството за политички систем раководено од Груби, поранешен член на ДИК, вработена во Општина Струга, советничка за протокол во Владата.
„Односно, јавните пари завршиле кај партиски послушници на ДУИ, вработени во јавната администрација на централно и локално ниво. Дополнително, за да биде ова крадење на народните пари легално, во огласот за финансиска помош за невладините граѓански организации, намерно е избришан е членот 52 од Законот за спречување корупција – со кој се забранува корисници на финансиски грантови да бидат избрани или именувани лица во јавни институции. Во ситуација на екстремна сиромаштија, кога над 500.000 граѓани едвај врзуваат крај, кога здравството е пред колапс и државата не е во можност да обезбеди соодветен медицински третман за сите, кога учениците сѐ уште ги немаат добиено потребните учебници, владејачките елити единствено се грижат како меѓусебно да си поделат над 320.000 евра за фиктивни граѓански организации. Коруптивен тренд кој власта нема намера да го прекине, бидејќи буџетот за 2024 година предвидува цели 19.5 милиони евра да се слеат во невладиниот сектор, покрај капитални субвенции. Ја потсетуваме јавноста дека политичката партија Левица се залага за целосна забрана за финансирање на невладини организации со буџетски пари (од владини и општински буџети), како и воведување строга регулација на финансиите на невладините организации, со цел спречување на вакво еклатантно перење на пари преку НВО“, наведено е во соопштението на Левица.