ДУИ И ЛЕВИЦА САКААТ ДА ГИ РАСЛОЈАТ ГЛАСОВИТЕ ВО ТЕТОВО, ГОСТИВАР И ВО СТРУГА Мицкоски вели дека е очигледна соработката на двете партии
Премиерот вели дека целта на Левица е координирана со политичката партија ДУИ за да дојде до дисипација, раслојување на анти ДУИ гласовите во трите општини.
Очигледна е соработката на ДУИ и Левица во Тетово, Гостивар и во Струга, целта им е раслојување на анти ДУИ гласовите, бидејќи Западна Македонија не се само овие општини, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
– Јас не сум од вчера во политиката и потегот на политичката партија Левица да извади свои кандидати во општините Тетово, Гостивар и Струга и тоа да го брендира дека не ја заборавиле Западна Македонија а притоа да не извади свои кандидати, на пример овде во Јагуновце, Теарце и во другите општини, бидејќи Западна Македонија не е Струга, Тетово и Гостивар, има и други општини. Тоа доволно говори дека нивната цел е координирана со политичката партија ДУИ за да дојде до дисипација, раслојување на анти ДУИ гласовите во тие општини. ДУИ сфаќа дека во тие општини не може да победи и разбира дека ќе биде поразена на овие избори, односно ќе има многу мал, незначителен број градоначалници и единствениот сојузник кој во моментот се обидува да фрли гума за спасување е токму политичката партија Левица – изјави Мицкоски.
Тој додаде дека шансите за да победи кандидатот за градоначалник на Левица во Тетово, Гостивар или во Струга не се ниту теоретски.
– Ние знаеме, не сме од вчера во политиката, шансите за да победи кандидатот за градоначалник на Левица во Тетово, Гостивар или Струга не се ни теоретски, но доколку би извадиле кандидат за градоначалник во Велес или во Штип шансите се на ниво на теорија. Вистинското прашање е, зошто во родниот град на претседателот на Левица нема кандидат, зошто во Штип кој што е роден град на уште еден член на раководството на Левица нема кандидат за градоначалник, туку токму во општините Тетово, Гостивар и Струга каде што е јасно дека кандидатите за градоначалници на ДУИ ќе бидат поразени бидејќи огромно мнозинство и сентимент кај жителите во тие општини и расположение е анти ДУИ. Нормално, својот стар коалиционен партнер со кој што функционираат и во Собранието одвреме навреме, но и во Град Скопје го повикаа на помош, а тој е секогаш тука да фрли гума за спасување тогаш кога на Али Ахмети и на другарчињата им е потребно – рече Мицкоски.