„ДУИ И АХМЕТИ СЕ ВРАПЧИЊА, НЕ ОРЛИ“ Остра реакција на ВМРО-ДПМНЕ кон албанската опозиција
„На Албанците одамна им е преку глава од Ахмети, а тоа ќе го покажат на следните избори, заедно со Македонците, сите сложно. ДУИ ќе ги изгуби речиси сите општини во земјата“, велат од партијата на власт.
Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ упати остра критика кон лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и неговата партија, обвинувајќи ги за криминал, корупција и политички манипулации. Од партијата порачаа дека ДУИ не е партија на орли, туку на врапчиња, најавувајќи дека на претстојните избори граѓаните ќе им пресудат.
„Имаме порака до Али Ахмети: не си ти орел, туку обично врапче. А во суштина, ни вие не сте орли, туку криминални и корумпирани страчки. Најгласни се токму најуплашените“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија потсетуваат на претходни настани и велат дека ДУИ со години функционира на ист начин – преку притисоци, тендери и политички пазарења.
„Сите знаат како Груби и Ахмети го ‘предомислија’ Заев пред две години. Со што го предомислија? Епа, така функционира ДУИ и за тоа се врвни експерти. Денеска пак гледаме како се прават пазарења со Таравари, било за паркинг, било за други интереси. Тоа е нивниот начин на владеење – преку тендери и корупција“, се наведува во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека граѓаните, вклучително и Албанците, повеќе не му веруваат на Ахмети и на неговите ветувања.
„На Албанците одамна им е преку глава од Ахмети, а тоа ќе го покажат на следните избори – заедно со Македонците, сите сложно. ДУИ ќе ги изгуби речиси сите општини во земјата. По изборите очекуваме врапчињата да носат писма со понуди за коалиција, со бланко ветувања дека ќе се реформираат. Секако дека ќе се насмеeме на тие понуди“, порачаа од партијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, секогаш кога ќе дојдат избори, лидерот на ДУИ доживува трансформација и настапува со закани и патетика.
„Наместо да оди во пензија – не му здосади дваесет години власт? Убава е власта кога се купува Соравија, се возат џипови, се отвораат бизниси во енергетика и градежништво. Но секогаш кога ќе се најават избори, Ахмети почнува да зборува за крв, оружје и орли. Освен што е патетично, тоа е и смешно“, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ.