ДУИ ЈА ИСПРАЗНИ МАКЕДОНИЈА Ова е суровата реалност што ја донесоа Али и неговото владеење, рече Мицкоски
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Тетово порача дека повеќедецениското владеење на ДУИ довело до масовно иселување и драстично намалување на бројот на ученици во општините со албанско население.
На денешниот народен митинг во Тетово, кој е дел од изборната кампања за локалните избори 2025 година под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, остро се обрати до лидерот на ДУИ, Али Ахмети, обвинувајќи ја неговата партија дека со своите политики ја испразнила Македонија и го намалила бројот на ученици Албанци.
– Јас нема да му одговарам на Али со неговата реторика, иако тој тоа го сака, тој моли да му одговорам на неговото национал-романтичарска реторика. Јас на народот нема да му кажувам басни, туку реалност. Јас само ќе прочитам факти за неговото 20-годишно владеење. Додека тој говори за приказни, јас говорам за суровата реалност – изјави Мицкоски пред граѓаните.
Тој потенцираше дека во последната деценија во Македонија има 27.000 помалку ученици, а според него, тоа е директен резултат на неуспешните политики на ДУИ.
– Работата на ДУИ значи 200 ученици помалку само во второто полугодие во тетовските училишта во 2023 година. Во Гостивар, 200 ученици побарале исписници поради иселување. Падот на младото население е алармантен: Арачиново -14%, Липково -40%, Теарце -37%, Тетово -18%, Боговиње -37%, Желино -28%, Врапчиште -32%, Гостивар -35%, Кичево -36%, Струга -32%. Ова е суровата реалност што ја донесоа Али и неговото владеење повеќе од две децении – рече тој.
Мицкоски додаде дека и Македонците и Албанците ја плаќаат цената на неспособноста на дуото ДУИ–СДСМ и ги повика тетовци „да го издигнат градот над политичкото мочуриште во кое бил оставен“.
– Изборот кој го имаат тетовци на овие избори е јасен – дали ќе живеат со оние што само зборуваат, или со оние што работат и испорачуваат – порача Мицкоски.
Во продолжение, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги повика граѓаните на 19 октомври да излезат и да гласаат за бројот 9, симбол на, како што рече, „развој, честитост и просперитетна иднина“.
– Оваа наша борба не е само за избори – ова е борба за душата на Македонија. За држава што ќе нè спои, а не ќе нè дели. За иднина во која никој нема да биде поважен од другиот, и во која секој ќе има еднаква шанса да успее – истакна Мицкоски.