Државно менаџирање на приватни болници? Супер! А може ли да се смисли вин-вин концепт?

На кои работи треба да мисли државата, ако сака сериозно да ги искористи капацитетите, кадарот и акумулираното знаење во приватните болници. Без оглед дали тој процес ќе се нарече „приватизација“ или „партнерство“.

7,508

 

Со нетрпение ги очекувам детаљите во врска со најавената идеја за „државно менаџирање на приватното здравство“ во кризнава состојба. Како човек кој е во ризичната група потенцијални пациенти од ковид-19, најискрено посакувам власта да обмисли сериозен концепт на користење на капацитетите на приватното здравство за справување со коронакризата, за што апелирав во повеќе наврати.






Како што општо е познато од нашето социјалистичко минато, државата, во принцип, е лош газда и лош стопанственик. Да беше поинаку, денес сѐ уште ќе имавме државна рафинерија, профитабилна државна телекомуникациска компанија, исплатлива државна пошта, самоодржлива железница, суперпрофитабилни аеродороми итн. Ништо од тоа ние немаме. За жал, денес успешно се менаџираат само оние некогашни државни компании кои беа приватизирани, или продадени, или, ако така повеќе милувате да кажете, „ограбени“.

Се надевам дека секому му е јасно зошто е тоа така – државната односно општествената сопственост по дефиниција е несопственост. Сѐ што е државно или општествено, е сечие и ничие. За државниот и за општествениот имот никој не се грижи како за свој. Никој нема мотив да го оплоди државниот и општествениот капитал, зашто менаџерите од тоа немаат ништо, или речиси ништо.

Добро, така беше во минатото, во светот на модерниот капитализам има и промени, има и битни нијанси, нови концепти, нови идеи. Има и успешни примери на национализација на приватни компании. Последната таква авантура за која читав е национализацијата на германскиот авиопревозник „Луфтханза“, кого државата на тој начин се обиде да го спаси од долгови и од пропаст. Мотивот беше многу важен и поучен – не станува збор, значи, за „робинхудовска“ операција за „ограбување на ограбувачите“, за одземање на нечиј профит, туку за спасување на неуспешна приватна компанија загубар, чија дејност е од витално значење за државата.

Македонските приватни болници, од кои најистакнати се „Аџибадем Систина“, „Жан Митрев “ и „Ремедика“, се успешни и профитабилни, затоа што пружаат врвни медицински услуги, опремени се со најсовремена и скапа медицинска опрема, пациентите се лекуваат со современи и скапи лекови и третмани, а лекарите и медицинскиот персонал се обучени, напредуваат и имаат пристојно високи плати за македонски услови. Цените на услугите во овие болници се високи, затоа што и влезните трошоци се високи. Секако дека се калкулира и со извесен профит (оплодувањето на капиталот, профитот и реинвестирањето е мотивот на секој приватен сопственик во секој бизнис), но маргината на профитот тука е далеку под лаичките претпоставки со кои оперираат букачите и теоретичарите на т.н. „ковид-профитерство“.

Како и да е, полемиките на таа тема државата ги оконча и конечно реши да „стави рака“ врз приватниот здравствен сектор. Во ред, ако намерите се добри. Ако власта навистина се нафаќа да ги менаџира приватните ковид-центри, за на пациентите да им обезбеди услуги по прифатливи цени, или дури и бесплатни, на товар на Фондот за здравствено осигурување, тоа навистина е една многу благородна идеја, што заслужува и аплауз и отворена поддршка. И јас секој месец плаќам во ФЗОМ, а од моите вложени пари до сега немам искористено безмалку ништо – зошто би имал против, ако не дај боже паднам во неволја, да бидам лекуван на државен трошок?

Но, самиот збор „менаџирање“ упатува на тоа дека во случајов, во дебатата и во конципирањето на овој нов процес, не смее да се тргне од евтиното морализирање, туку од тврдите медицински факти и од економската логика. А тие го велат следново. Ако сум добро известен, ковид-центрите на „Аџибадем Систина“ и на „Жан Митрев“ во овој момент располагаат со не повеќе од 200 кревети. Сите се пополнети со пациенти и има долги листи на чекање. Пополнети се и креветите во јавното здравство. Искуствата на земјите кои релативно успешно ги одржуваат во кондиција своите здравствени системи, укажуваат дека главната цел на менаџирањето на здравствената криза мора да биде да се намали притисок врз инфективните одделенија во кои се лечат најтешките случаи и во кои кај нас сега се умира масовно. Да ве потсетам, тоа и министерот Венко Филипче го зборуваше од самиот почеток на коронакризата. Со оние 200 постоечки и веќе исполнети кревети во приватните клиники, нашиот проблем така тешко ќе се реши. Да, може да се „изменаџира“ лебот и кашкавалот да бидат поевтини, може профитот на газдите да се сведе на нула, но сето тоа нема суштински да го поевтини лечењето на товар на Фондот за здравство и најважно од сѐ, нема да се намали притисокот врз ковид-центрите.

Што може да се стори? Многу! Во светот веќе постојат искуства од кои можеме сериозно да учиме.

Прво, драстичниот едномесечен локдаун во Австралија даде спектакуларни резултати. Денес цела западна Европа е затворена. Тоа ништо не ни кажува? Зошто никој не размислува за локдаун и кај нас?

Второ, со масовен медицински надзор врз заразените со лесна и со средно тешка клиничка слика и со нивно правилно лекување во почетната фаза на болеста – што подразбира детални прегледи на секој заразен, третман со виростатици од типот на фавирпиравир и со друга терапија за поддршка, центри за масовна рана хоспитализација или дневни болници и слично – значајно се намалува бројот на пациентите со тешка клиничка слика, а со тоа и притисокот врз инфективните оделенија каде што се лекуваат најтешките случаи. Така се намалува и смртноста, која кај нас е огромна.

И трето, по примерот на некои земји од светот, Македонија може релативно брзо да ги зголеми болничките капацитети за лекување на тешките случаи на ковид-19, што набрзо ќе се покаже за неопходно, бидејќи ние сега јуриме кон бројката од 2.000 заразени дневно, а следните неколку месеци, од декември од април, всушност, ќе бидат најкритичните.

Јас би рекол дека на овие работи треба да мисли државата, ако сака сериозно да ги искористи капацитетите, кадарот и акумулираното знаење во приватните болници. Без оглед дали тој процес ќе се нарече „приватизација“ или „партнерство“. Од секундарно значење се прашањата дали Фондот за здравство ќа партиципира за дел од услугите во приватните болници (немам ништо против, тоа е во наш интерес, како осигуреници) и дали на газдите ќе им се одземат профитите. Најважно е да се успее да се дојде до вин-вин ситуација, да се направи нешто добро, нешто суштински важно за намалување на бројот на новозаразени, за поквалитетно лекување на пациентите и за намалување на смртноста.

Ако државното менаџирање на приватните болници доведе до намалување на квалитетот на здравствените услуги и кај нив, односно до изедначување на нивото на услугите со она во девастираниот јавен сектор, тогаш ништо нема да направиме. Всушност, нешто ќе направиме, ќе предизвикаме нови штети, буквално сеопшта катастрофа. Бидејќи тоа ќе значи уште повеќе заразени и уште повеќе мртви во болниците, но и на улиците.

Поврзани содржини