Специјалните обвинители од поранешното СЈО добиле додатоци во 2015 година поголеми од нивните плати, а во период од јануари 2016 до септември 2019 година по основ на надоместоци за почитување на принципот на тајност добиле вкупно 282.896.000 денари или околу 4,6 милиони евра, за кои нема законско покритие, утврдил Државниот завод за ревизија (ДЗР) на барање на Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција.
„Врз основа на извршената ревизија, утврдивме дека остварувањето на правото на плата, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти. Исто така утврдивме дека освен додатоците на плата за 2015 година, остварувањето на правото на додатоците на плата, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти. Во однос на остварувањето на правото на другите надоместоци, точноста на пресметката, евидентирањето и исплатата утврдивме дека истите не се во согласност, во сите материјални аспекти, со релевантната законска регулатива и интерните акти“, се вели во соопштението на Државниот завод за ревизија.