ДРЖАВАТА УШТЕ ПОВЕЌЕ ЌЕ ГИ ВТУРНЕ МЛАДИТЕ КОН КОЦКАЊЕ Од АПИС бараат власта да ја преиспита одлуката за организирање игри на среќа на интернет

180

Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС) ги повикува Владата и Државната лотарија да ја преиспитаат одлуката за организирање игри на среќа преку интернет. Асоцијацијата ја оценува одлуката на Државна лотарија за капитално учество во основањето три нови трговски друштва за организирање игри на среќа на интернет за упад во досегашниот систем на игри на среќа.

– Клучната дилема е дали е ова вовед во ставањето клуч на врата на обложувалниците и автомат клубовите? Дали државата сака да остави 10.000 луѓе без работа за да остварува буџетски приходи преку онлајн игри на среќа? Зошто упорно се игнорира мислењето на АПИС и на АСОМ? Дали студијата која е направена укажува дека интернет игрите на среќа поради полесната достапност се потенцијално поголем ризик за младината? – велат од Асоцијацијата.






Оттаму обвинуваат дека целокупниот процес е нетранспарентен и со месеци се криел од јавноста.

– Може само да претпоставуваме кои се мотивите за вака погрешен пристап. Не слушнавме ниту еден издржан аргумент зошто на државата под овие услови ѝ се потребни три нови компании кои ќе организираат игри на среќа на интернет. Отворено се сомневаме дека условите кои треба да се исполнат се креирани така што однапред се знае кои ќе бидат партнерите на Државна лотарија. Скандалозно е да не се почитуваат реализираните инвестиции на актуелните приредувачи на игри на среќа, кои и во овој случај се дискриминирани, иако на дел од нив капиталот им доаѓа од земји членки на ЕУ. Уште пострашно е што ќе се дозволи на компанија која нема ниту еден вработен да приредува игри на среќа, што е надвор од економската логика и спротивно на високите стандарди во индустријата – велат од АПИС.

Од Асоцијацијата уверуваат дека нема да дозволат, како што велат, заради нечии бизнис апетити да се разградува постоечкиот систем на игри на среќа.

– Ја повикуваме Владата и Државната лотарија да ја преиспитаат одлуката за организирање игри на среќа преку интернет. Без јавна расправа, без да се чуе мислењето на експертската јавност, секое продолжување на постапката ќе биде штетен преседан со сериозни последици. Актуелните приредувачи на игри на среќа како најголем работодавец во земјата имаат право да бараат нивниот глас да се слуша. Нема да дозволиме заради нечии лични бизнис апетити да се разградува постоечкиот систем на игри на среќа, кој е еден од најстрого регулираните во регионот и пошироко – порачаа од Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа.

Поврзани содржини
na