Државата на прво место

Новиот американски претседател во инаугуративниот говор имаше и многу други важни реченици коишто, на пример, кога би ги кажал највисок македонски државен претставник, би се соочил со бура од негодувања од страна на локалните „мудреци“. Особено ако така ноншалантно помпезно, но сепак цврсто и емотивно, ги изговори зборовите нација, суверенитет, гордост, почит…, а посебно она дека ќе завршат злоупотребите на власта и правосудството.

525

I will very simply put America first, вели Доналд Трамп.

И на крај памет не ми паѓа да го воспевам новиот американски претседател, уште помалку да го оспорувам. Но, колку и да сте импресионирани од него или не, колку и да го нарекувате ваков или онаков (а богами и кај нас коекакви шушумиги си земаат за право да го нарекуваат секако!), без оглед дали се согласувате со неговите навестувани (а некои веќе и потпишани политики), не можете да му ја одречете големината на реченицата од почетокот на овој текст. Зашто таа е еден вид сублимат, во неколку збора го говори сето она што еден претседател – и не само тој – треба да го каже дома, во неговата држава. Иако некои токму во таа реченица откриваат некаква скриена, или навестена, „бела супремација“, загрозување на човековите права, ксенофобија и слично, јас се обидувам да ја „злоупотребам“ и да ја ставам во локален македонски контекст.






Или, поточно, колку пати низ последниве десетина години сте слушнале највисоки политички претставници да кажат дека (ќе) работат во интерес на државата? Или нивните „интелектуални“ вувузели да ги поддржуваат политиките на патриотизам, лојалност, суверенитет… наместо на таквите реченици веднаш да не ја лепат националистичката етикета? И зошто, во тој контекст, никој до сега не го нарекол Трамп – американски националист? Се плашат?

Но, новиот американски претседател во инаугуративниот говор имаше и многу други важни реченици коишто, на пример, кога би ги кажал највисок македонски државен претставник, би се соочил со бура од негодувања од страна на локалните „мудреци“. Особено ако така ноншалантно помпезно, но сепак цврсто и емотивно, ги изговори зборовите нација, суверенитет, гордост, почит…, а посебно она дека ќе завршат злоупотребите на власта и правосудството.

Или, замислете, некој кај нас да каже дека златното доба за Македонија започнува токму сега! Жив ќе го/ја изедат, не пак да рече дека Македонија ќе биде поголема, посилна, поуспешна, на прво место…

Зашто, кај нас за тие нешта смее да се размислува само во најтемните ќошиња на сивата материја (ако ја имате, се разбира), но не и јавно да се изговараат или елаборираат тие нешта (зашто тоа ќе ги налути малцинските коалициски партнери), бидејќи ние не сме нација и немаме право на тоа, не ни треба почит и суверенитет, уште помалку ни треба одважност или не дај боже гордост… Па онаа клиентелистичка „интелектуална“ булумента ќе ја бесеше претседателката што не ја изговори омилената им географска придавка небаре го навестила крајот на нивниот свет. Којшто де факто (мора да) заврши.

Или, ако повнимателно го следевте инаугуративниот говор на Трамп, ќе препознаевте многу ситуации и состојби – корупција, криминал, лошо раководење, „работа“ од дома, самоволие… – коишто како да говорат за нас а не за Америка. Но тој смее тоа да го изговори, ние – не. Зашто ние сме „мали“, „зависни“, „неспособни“, „неуки“… Ние немаме право на визија за државата односно таа визија – ако некогаш и сме ја имале – мора да се поклопи со закоравениот соцреалистички ум на олигарсите и бизнис елитите, на провинциските политиканти и „интелектуалните“ им приколки, а потоа (или можеби прво?) на онаа неморална ретроградна политикантска збирштина во еу (малите букиви се…)!

Кај нас со денови се расправа дали македонскиот премиер навистина бил поканет на инаугурацијата на американскиот претседател, кој и како го поканил, па и зошто, бараат да ја покаже поканата а ДКСК да го истражува неговото патување и слични будалаштни. Но, интересно, на македонската интелигенција и политика не им пречат онакви безобразни „понуди“ дека треба да го искористиме „тековниот момент на наклонетост кон проширувањето“ небаре ние сме белосветски уличари на кои, ете, токму сега, некој беневолентно им отвора цивилизирана врата. И не само тоа туку во Брисел „имало и има голем интерес и благонаклонетост“ кон Македонија. Шио ми га Ѓура, велат Србите!

А локалните „мудреци“ како по „Оче наш“ потоа ги преповторуваат истите „тези“ стотина пати во годината и во хор ја пеат расипаната плоча дека македонските обиди за поправична и поморална „врата“ се погрешни и не треба да ги има, дека нема место за никаков оптимизам којшто е надеж само за будалите, дека ние се занесуваме со некаква правда во светот иако неа ја нема на повидок зашто во меѓународната политика немало предвидливост итн. итн. Провинцискиве „филозофи“ настојчиво ни ја подметнуваат тезата дека во светот има само еден важен чинител: силата, па следствено никаков „оптимизам нема основа во ништо реално“! Не е важно дури ни тоа што веќе многу европски земји го гледаат ќор-сокакот во којшто западна еу со следењето на еден налудничав диктат на една не баш многу „бистра“ нејзина членка, признавајќи дека поддржувањето на такви „спорови“ е историски срам за европските демократии.

И тоа го кажуваат другите – слободномислечки луѓе од Европа – додека кај нас се шират дефетистички и антидржавни тези. А во исто време, спомнатиот Трамп поништува 80 – не една, не две туку осумдесет! – извршни наредби на неговиот претходник! Но ние не смееме ни да помислиме, не пак отворено да говориме, за поништување на штетните меѓународни договори или одлуки на претходните криминални структури.

Оттука, инаугурацијата на новиот американски претседател, ослободена од нашиов провинциски фолклор, е матрица не само за протоколарниот односно организацискиот дел, туку уште повеќе за политичкиот, националниот, државничкиот… став на еден претседател. Се разбира, наједноставно е да се каже – како што многумина ќе кажат – ама тоа е Америка. Па да, и – што со тоа? Па токму од големите треба да се учи, нели!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини