ДРЖАВАТА ИМ ВРАЌА ПАРИ НА 1448 ГРАЃАНИ Од Првата граѓанска обврзница се исплатени над 24 милиони евра
Исплатена главница и камата на граѓаните кои инвестираа во првата државна обврзница. Финансии најавуваат нови инструменти наменети за населението.
Министерството за финансии денеска објави дека е завршена исплатата на главницата и каматата за втората година од Првата граѓанска обврзница, издадена во 2023 година. На сметките на 1448 граѓани се исплатени вкупно 1,4 милијарди денари (околу 23,5 милиони евра), заедно со камата во висина од 72,4 милиони денари (околу 1,2 милиони евра).
„Ова е првпат државата директно да соработува со граѓаните како инвеститори, што претставува нов пристап и ја потврдува довербата што тие ја имаат во фискалната стабилност“, соопштија од Министерството за финансии.
Првата граѓанска обврзница беше издадена на 13 јули 2023 година, со рок на достасување од две години и каматна стапка од 5% годишно. Исплатата на каматата се реализираше во два наврати во јули 2024 и сега, во јули 2025 година, секоја година со по 72,4 милиони денари.
Овој тип на обврзница беше прв ваков продукт понуден од страна на државата и беше дизајниран исклучиво за граѓаните. Целта, како што истакнуваат од Министерството, била унапредување на домашниот пазар на хартии од вредност, зголемување на вклученоста на физичките лица во финансискиот систем, како и подобрување на структурата на инвеститорската база.
„Резултатите покажуваат дека оваа понуда беше добро прифатена и потврдува дека граѓаните сакаат сигурни, но и исплатливи начини за да ги пласираат своите заштеди“, потенцираат од Министерството.
Според податоците, државата досега има издадено две емисии на граѓански обврзници во вкупна вредност од 41,1 милион евра. Втората обврзница беше издадена на 7 ноември 2023 година во износ од 17,6 милиони евра и ќе доспее во ноември 2025 година.
Министерството најавува дека во наредниот период ќе следуваат нови финансиски инструменти, наменети исклучиво за граѓаните, со цел да се зголеми квалитетот на понудените опции и да се зајакне вклученоста на населението во финансиските текови на земјата.
„Планираме нови, иновативни механизми кои ќе ја доближат државната финансиска политика до секој поединец. Обврзниците се само почетокот“, велат од финансии.