Друшво на мртвите политичари
Граѓани, или народ, како сакате, сѐ помалку доаѓа на нивните прослави зашто знаат дека овие се одамна мртви, тукашни се но покојни, сегашни се но минати.
Секоја година, веќе со децении, е исто: славиме нешто – не знаеме што: ни сме самостојни, ниту независни, најмалку сме суверени! Сите наши славја се пирови славја, сите наши „победи“ исто така. И секоја година, со ред, говори ни држат истите од Друштвото на мртвите политичари, само во нови костуми, во поинаков амбиент, со други ликови околу нив. Граѓани, или народ, како сакате, сѐ помалку доаѓа на нивните прослави зашто знаат дека овие се одамна мртви, тукашни се но покојни, сегашни се но минати. Само тие не го знаат тоа! Само тие мислат дека нешто важно ни кажуваат, само тие мислат дека ние ги слушаме. Немаме што да чуеме, одамна. Нивното Акционерско друштво „Друштво на мртви политичари“сѐ уште мисли дека господари со нас. Можеби, но не и со иднината, не и со историјата. Тие одамна ги имаат упокоено и – погребано. Маргините на историјата се полни со ликови како нив. Ни биле, ниту можат да бидат. Некој, некогаш, можеби и ќе се сети на нив, но со празно срце, или полно со омраза.
Кај нас, во овие три децении, анонимуси и аутсајдери, уличари и кецароши остареа во Парламентот и сите можни влади и министерства, се испоженија и оформија семејства, и нив ги згрижија а можеби и нивните поколенија…, само државата остана иста. И мртва, како нив. Иако некои велат дека и неа одамна веќе ја нема и дека целата власт е всушност во рацете на Акционерското друштво. Што е најверојатно точно бидејќи вештачки ја оживуваат само за празници како овој. И уште по некој. Или кога доаѓа странски гостин. Тогаш ги развиоруваат на искривени стапови избледените од сонце државни знамиња и ги пеат осакатените химни, секогаш вадејќи по една „неподобна“ строфа. Иако и пеењето им е онака, колку да помине редот. Знаат дека и тие белези се мртви, непотребни, неценети.Кому му требаат државни обележја ако државата – ја нема?! Ако таа е заменета со некакво партократско акционерско друштво викано „Друштво на мртви политичари“, ако секоја будала од тоа Друштво смета дека има право на празници да ни се обраќа како на малоумни мрсулави деца иако токму неговата малоумност просто „штрчи“ на сите страни од говорницата? Едниот се фали дека бил „експерт за продажба“? Па што сега ќе продава, рестловите од државава? Кому, и по која цена? А нас, ќе нѐ купи ли некој или ние да си бараме нова држава?
Друг ни тртља за некаков „голем натпревар“ меѓу државите од Централна, Источна и Југоисточна Европа. Па со што ние влеговме/влегуваме во тој натпреварт? Со вас, мртвите политичари кои тоа сѐ уште не го знаат, со криминалот и корупцијата што ги инсталиравте во општеството како клучни „политички“ механизми, со непотизмот, неписменоста, партократијата…, со што? Имаат ли претстава овие прегазени од времето политиканти каква беше оваа држава пред триесет години, каква беше оваа култура, каков беше Универзитетот, каква беше Државна болница…? И какви се сега? Тоа што преостана ли го прославуваа(т) вчера, денес, утре? Трет припадник на Друштвото веќе со години – а сега повторно, празнично – нѐ убедува дека суверенитетот е всушност анахронизам, дека сите наши национални понижувања биле – наши победи! Можеби, но тоа е прашање на перцепција кој колку шамари може да истрпи, и до кога? Некои се така „скроени“ што можат да ги плукаат цел живот. Затоа и се во тоа Друштво.
На вакви „празници“ всушност го гледате вистинското Друштво на мртви политичари во нивниот елемент, во акција. Но гледате и нешто друго: дека ние освен Илинден и АСНОМ немаме што да му покажеме на светот. Што ѝ покажаа пред некој ден на претседателката на Словачка? И што денес ќе му покажат на претседателот на Италија? Само еден мртов херој кого по којзнае кој пат го предаваат/препродаваат. Тој ѐ за пример и чествување, но не со нив околу него! На Друштвото на мртвите политичари треба да им се забрани пристапот до неговиот гроб.
Од АСНОМ пак не остана ништо, не смеат ни да го спомнат. Ниту пак нешто сврзано со него. Како онаа табла во Прохор Пчински, го вадат само кога ќе им притреба и повторно го враќаат во подрумот. Мртвите политичари ангажираат мртви историчари кои и малкуте вистински победи ќе ги замаглат, ќе ги препишат и допишат, а нивните споменици ќе ги преправат. Не знаеме кога процесот ќе почне, но ќе почне, сигурно. Тоа ни го навести уште оној член на Друштвото кој уште живее во убедувањето дека со пенкало урнал режим. И сѐ уште го четаат на наша сметка. Малку му беше, сака уште. Ваквите „празници“ и растрчаните членови на Друштвото на мртви политичари се само уште една добра прилика да се потсетиме на зборовите што недостасуваат во Нашата земја. Зборовите што нема да ги чуете од устите на членовите на Друштвото и нивните следбеници: чест, образ, морал, вистина, култура… Тоа се зборови што никогаш нема да ги слушнете во нивните празни празнични говори, тоа се зборовите што недостасуваа(т) сега и тука, вчера и денес, и само низ нивната призма светот ги цени цивилизираните луѓе, па и политичари. Но не политиканти, не мртви политичари прегазени не само од времето туку и од културата, од цивилизацијата, од доброто домашно воспитување, од современиот вокабулар. Во нивните секојдневни политикантски кокодакања не може да се најде современиот, културниот, образованиот поединец. Само мафиите и нивните абоненти и ракоплескачи. Уште помалку може некој нормален денес да има верба во нив. Нивните зборови веќе не се ни црни ниту сиви, тие се тотално безлични, безчесни, безобразни, како и нивните дела. Иако, ни срамот не е нивна силна страна, не кон себеси или семејството, пријателите, сопартијците, туку од она што останало од државата, ако останало нешто, од она што останало од македонската култура, ако и од неа нешто останало!