Друштвото на писателите на Македонија, ДПМ, иако многумина веднаш го исползуваа актуелниот миг за да го прогласат, злонамерно, се разбира, за мртов коњ врз кој треба уште посилно да се удри, бидејќи ја изгубило смислата на своето постоење, не треба да се укинува, туку треба да му се пружи соодветна материјална и финансиска поддршка за да ја зајакне својата позиција во општеството.
Нема никакво сомневање дека со укинувањето на ДПМ би се укинал, избришал и фрлил во корпа за отпадоци, уште еден значаен и незаменлив сегмент на македонскиот национален идентитет. Што би ја заменило празнината доколку ДПМ се испрати во неврат и му се стави клуч на врата? Но сосема е јасно дека многумина посакуваат токму таков развој и „епилог“.
Кога ќе се спомене културата во Македонија, па и што било друго поврзано со креативност и со творештво, првиот одговор што ќе го добиете е дека „ние немаме пари“, буџетите се огранчени, што да се прави „ние сакаме, ама немаме средства“. Тоа, се разбира, не одговара на вистината. За луѓето кои одлучуваат во Македонија, не само сега, туку и со децении наназад, потребите и проблемите со кои се соочува ДПМ постојат само некаде на маргините на „интелектуалниот“ напор. Проблемите на ДПМ не произлегуваат само од начинот на работењето на сегашното претседателство, кое речиси колективно поднесе оставка. Во последните неколку децении претседателствата на ДПМ главно се занимаваа со „ситни“ ништа и со различни форми на автопромоција.
Друштво на писателите треба да се занимава со подобрување на општетствениот статус на неговите членови, а тоа ДПМ го прави во исклучително мал обем, бидејќи не располага ниту со материјални, ниту, пак, со соодветни професионални кадровски можности. Оние кои никогаш немаат пари, а сакаат да ја водат државата и да се прогласуваат за заштитници на националниот идентитет, треба да бидат похрабри за да го согледаат историското значење на ДПМ и да преземат чекори кои ќе овозможат пристап што ќе подразбира и нова свест околу оваа проблематика, односно прераснување на ДПМ во интересна организација отворена за сите активни писатели и литературни преведувачи (посебна секција).
Колку и да звучи тоа преамбицизоно, на ДПМ треба да му се обезбедат услови за да работи пред сѐ со економски, правни и социјални прашања поврзани со литературната професија, која во Македонија речиси и да не постои како професија, но не значи дека и не треба да постои.
Но едно е сигурно, нешто што без никакво двоумење треба да се потенцира: од укинувањето на ДПМ никој во Македонија не би извлекол некаква полза.