ДРУШТВОТО НА ПИСАТЕЛИТЕ БАРА ИТНА САНАЦИЈА НА СПОМЕН-КУЌАТА НА ВЛАДО МАЛЕСКИ „Институциите да ги преземат сите мерки“
Од ДПМ велат дека будно и со длабока загриженост го следат случајот со спомен-куќата на Владо Малески.
Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) бара итна санација и враќање во првобитната состојба на спомен-куќата на авторот на македонската химна Владо Малески во Струга, која беше оштетена пред два дена при изведба на градежни работи на објект во непосредна близина.
Од ДПМ велат дека будно и со длабока загриженост го следат случајот со спомен-куќата на Малески која, како што посочуваат, има статус на поединечно заштитено добро.
„Со оглед на тоа што една од основните заложби на Друштвото на писатели е грижата за книжевното и културното наследство што ја негува колективната културна меморија и го афирмира ликот и делото на неговите основачи, воедно и втемелувачи на современата македонска државност и култура, Управниот одбор на ДПМ бара од надлежните институции координирано да ги преземат сите неопходни мерки за што побрза санација на настанатата штета и враќање на спомен-куќата на Владо Малески во Струга во нејзината првобитна состојба“, наведуваат од Друштвото на писатели, додавајќи дека ќе продолжат да ги следат случувањата.
Претходно денеска, министерот за култура и туризам Зоран Љутков најави дека веднаш ќе се започне со изработка на проект за обнова и реставрација на заштитениот објект.