ДРУГИТЕ ГО НАРАЧУВААТ, А НИЕ ПРЕСМЕТУВАМЕ Македонија засега нема абер да го нарача лекот на Фајзер
Како што е веќе познато од досегашните истражувања, лекот Паксловид е мошне ефикасен во справувањето со ковид-19. Ваквиот заклучок се изведува за лицата кај кои лекот бил даван во рок од три дена по појавата на првите симптоми на ковид-19. Слични резултати имало и кај третманите кои почнале во рок од пет дена.
Во Македонија сè уште се размислува и проценува дали и кога треба да биде нарачан лекот на производителот Фајзер – Паксловид (Paxlovid), кој според досегашните истражувања го намалува ризикот за хоспитализација и за смртните случаи кај пациентите со ковид-19 за 89 отсто.
Од Министерството за здравство за Плусинфо информираат дека веќе е направен иницијален состанок со производителот Фајзер, на кој е разговарано за процесот за евентуално обезбедување Паксловид (Paxlovid).
– Во моментот е во тек подготвителна фаза, по што експертски групи од двете страни ќе ја разгледаат потребата, согласно актуелната состојба со ковид-19 пандемијата во нашата земја, како и евентуално потребните количини и времето на испорака на стручните процеки – ни одговорија од министерството.
Италија, Германија и Белгија се меѓу неколкуте членки на ЕУ кои веќе го купија лекот, а некаде во ноември српскиот министер Лончар исто така се пофали дека земјата веќе има нарачано од овој лек, но не откри за колкави количини станува збор.
Како што е веќе познато од досегашните истражувања, лекот Паксловид е мошне ефикасен во справувањето со ковид-19. Ваквиот заклучок се изведува за лицата кај кои лекот бил даван во рок од три дена по појавата на првите симптоми на ковид-19. Слични резултати имало и кај третманите кои почнале во рок од пет дена.
– Антивирусниот лек кој се зема орално има потенцијал „да спасува животи на пациенти, да ја намалува тежината на заболувањето и да спречува девет од десет престои во болница – се вели во соопштението од компанијата Фајзер.
Некаде на средината на декември овој лек доби „зелено светло“ од американската Агенцијата за храна и лекови (ФДА), додека таблетата за третирање на симптомите на коронавирусот во домашни услови за оние кои ќе се разболат, и која најверојатно ќе ги држи надвор од болниците, кон крајот на јануари доби дозвола за употреба и од Европската агенција за лекови (ЕМА).
Во последно време и со доаѓањето на новиот министер за здравство Беким Сали, повторно се актуелизира кампањата на населението за вакцинација против вирусот ковид-19, која како да стагнира веќе подолго време, а граѓаните никако да го зголемат интересот за тоа
Па поради тоа, доколку се случи да дојде до зголемен број на заинтересирани лица за имунизирање против ковид-19, од Министерството за здравство не информираа дека располагаат со 447.070 дози вакцини против ковид-19, производ на Фајзер/БиоНТек, како и со одредени количини вакцини на Синофарм и Синовак, кои се користат исклучиво за втора доза.
– Кон крај на идната недела се очекува да пристигне донација од 250 илјади дози вакцина Фајзер, донација од Република Италија, која се реализира преку Ковакс механизмот. Дополнително, нови 500.000 дози Фајзер од директниот договор меѓу Владата и производителот ќе почнат да се испорачуваат почнувајќи од мај 2022, заклучно со декември 2022 година. Од март 2022, заклучно со декември 2022 година ќе се испорачуваат 10.000 педијатриски дози вакцини од производителот Фајзер, а кои се наменети за деца од 5 до 11 год. возраст, исто така, од производителот Фајзер – нè информираа од МЗ.