ДРОГА И НОЖЕВИ ВО ТЕТОВСКИТЕ ЛОКАЛИ Полицијата приведе четири лица во акцијата

При контролите во повеќе угостителски објекти полицијата пронашла две кесички со бела прашкаста материја, ножеви, а едно лице било приведено и поради навредување на полициски службеници.

0

Дрога и ладно оружје се пронајдени во повеќе угостителски објекти на подрачјето на Тетово, а четири лица се приведени во ноќната акциска контрола што ја спроведе полицијата.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека акцијата била реализирана ноќта меѓу 17 и 18 јули, во периодот од 23:30 до 02:00 часот, кога полициски службеници од СВР Тетово извршиле контроли во повеќе локали.






При претрес на задниот дел од еден угостителски објект во Тетово биле пронајдени две кесички со бела прашкаста материја, за која ќе се утврдува за каква дрога станува збор.

Во текот на акцијата бил приведен и А.А. (23) од тетовското село Ново Село, бидејќи, според МВР, ги омаловажувал полициските службеници при вршењето на службените дејствија.

Покрај него, поради пронајдени ножеви биле приведени Е.Р. (29) од село Камењане, С.А. (24) од Гостивар и С.Ј. (59) од село Голема Речица.

Од МВР најавуваат дека по целосното документирање на случаите, против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Поврзани содржини