„ДРИСЛА“ ПОД ЛУПА НА ПОЛИЦИЈАТА, ИМА СОМНЕЖИ ЗА САБОТАЖА Депонијата лесна мета за потпалувачи, признава Ангелов
Стојанче Ангелов откри дека криминалистичката полиција веќе разговара со вработени во „Дрисла“ за можно внатрешно учество во подметнувањето на пожарот, а депонијата останува небезбедна и лесно достапна за потпалувачи.
Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција денеска вршат службени разговори со дел од вработените во ЈП „Дрисла“, за да утврдат дали имало внатрешно учество во подметнувањето на пожарот што го зафати депонијата. Ова го потврди Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување и раководител на Главниот штаб за управување со кризи, на прес-конференција во близина на депонијата.
Ангелов информираше дека во последниот период имало уште три обиди за палење на депонијата, кои, за среќа, биле навремено изгаснати.
– Поради овие сомнежи, побарав криминалистичката полиција да влезе во депонијата и да разговара со вработените за да се утврди дали има можност пожарите да се подметнати од внатре или од надвор, од лица кои можеби користеле бензин за да ја потпалат депонијата – изјави Ангелов.
Тој најави засилено полициско присуство, повеќе патроли и употреба на дополнителни методи за надзор, со цел да се идентификуваат евентуални потпалувачи.
– Необјасниво е како, иако со механизација го намаливме огнот и чадот драстично, чадењето повторно се зголемува. На депонијата нема видлив пламен, туку само чад којшто излегува од внатрешноста како последица на силни хемиски и биолошки процеси – рече тој.
Ангелов потенцираше дека депонијата зафаќа површина од околу 85 хектари, но е ограден само делот кај влезот, додека останатиот дел е необезбеден и лесно достапен.
– Постојат камери, но се сомневам дека дел од нив воопшто функционираат, особено во задниот дел од депонијата. Тоа создава можност за злонамерници да влезат и да подметнат пожар или да го продолжат постоечкиот – додаде Ангелов.