Драматично зголемено насилството врз новинарите на протестите низ светот

Меѓу 2015 и 2020 година убиени се најмалку десет новинари, а 125 биле нападнати или уапсени, се наведува во извештајот на УНЕСКО што ја опфаќа состојбата во 65 земји.

141

Драматично е зголемено насилството врз новинарите што известуваат од протести ширум светот, а полицијата и безбедносните сили се главните сторители – информира денеска  УНЕСКО. Оваа агенција на ОН, меѓу јануари и јуни годинава, регистрирала 21 протест во кој новинари се нападнати, апсени или убиени.

Нападите се дел од поширокиот тренд во изминатите пет години во кој полицијата и безбедносните сили употребуваат прекумерна сила, се додава во извештајот на Агенцијата.






Меѓу 2015 и 2020 година убиени се најмалку десет новинари, а 125 биле нападнати или уапсени, се наведува во извештајот на УНЕСКО што ја опфаќа состојбата во 65 земји.

Убиените новинари работеле во Сирија, Мексико, Израел, Никарагва, Северна Ирска, Нигерија и Ирак.

Генералниот директор на УНЕСКО, Одри Азулај, денеска ги повика владите да осигурат новинарите да можат својата работа да ја извршуваат без страв за сопствената безбедност.

– Новинарите имаат клучна улога во известувањето и информирањето на граѓаните за протестите, па затоа ја повикуваме меѓународната заедница и сите релевантни институции да обезбедат почитување на овие основни права – кажа Азулај.

УНЕСКО смета дека причините за протестите се економската нееднаквост, корупцијата, кршењето на политичките слободи, растечкиот авторитаризам, па затоа некои влади и не се заинтересирани за објективно информирање.

Поврзани содржини