ДРАМА ВО ОСНОВНО УЧИЛИШТЕ ВО ХРВАТСКА 14-годишен ученик се заканувал со список за отстрел, кај него е пронајдено оружје
Полицијата од станот во кој живее малолетникот го запленила оружјето.
Во основното училиште во Перушиќ наставата била прекината по интервенција на родителите поради наводна закана од еден од учениците кон други ученици и професори, пренесува Индекс.хр
ХРТ објави дека 14-годишното момче се заканувало дека ќе состави список на оние со кои ќе се пресмета, а како што неофицијално дознаваат полицијата од станот во кој живее малолетникот го запленила оружјето. Покрената е истрага.
– Службите си ја вршат својата работа, институциите се навремено информирани. Жал ми е за нашите ученици и родители кои со право се загрижени, но се надевам дека ќе се реши позитивно – изјави Снежана Милковиќ, директорка на училиптето во Перушиќ.
Родителите исплашени за безбедноста на своите деца решиле да ги вратат дома и да не ги пуштаат на училиште додека не се реши ситуацијата.
– Поради стравот, поради информациите што беа пренесени, решивме денеска да ги вратиме децата од училиште и да ги оставиме дома до понатамошно известување, додека не видиме што ќе преземе полицијата за случајот – изјави мајката на еден од учениците за ХРТ.
Инцидентот во Хрватска потсети на масакрот што се случи на 3 мај минатата година во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ кога тогаш 13-годишниот ученик Коста Кецмановиќ уби 9 ученици и чуварот на училиштето.