📽️ ДРАМА ВО ЕСТОНИЈА ПРЕД ВАЖЕН НАТПРЕВАР Се преврте автобусот на ракоментарите на Кипар

Несреќата се случила на пат од Талин кон Пилва, федерацијата размислува дали утрешниот меч со Естонија ќе се одигра.

673

Автобусот со кој патувале членовите на машката ракометна репрезентација на Кипар излетал од патот и се превртел во Естонија, на пат од Талин кон Пилва, во пресрет на утрешниот натпревар со домашната селекција. Во несреќата, која најверојатно била предизвикана од снежни услови на коловозот, нема потешко повредени лица.

Според информациите, двајца членови на кипарската делегација биле пренесени во болница на дополнителни прегледи, но нивната состојба не е сериозна.






Од Кипарската ракометна федерација соопштија дека инцидентот се случил во раните утрински часови и апелираа на смиреност, нагласувајќи дека нема причина за загриженост.

– За среќа, нема сериозно повредени. Двајца членови на делегацијата се хоспитализирани од претпазливост, а сите останати се во добра здравствена состојба – соопштија од Федерацијата.

Оттаму додаваат дека се преземаат сите неопходни активности, во и надвор од Кипар, за безбедно и навремено постапување со репрезентацијата и делегацијата.

Кипарската амбасада во Финска, која е надлежна и за Естонија, информираше дека е во постојан контакт со федерацијата и дека е подготвена да обезбеди потребна помош.

Кипарските медиуми објавија видеа и фотографии од местото на несреќата, на кои се гледа превртениот автобус и заснежениот пат.

– Ова е нашиот автобус, погледнете што се случи. Но, сите сме добро – вели еден од членовите на делегацијата во видео објавено од порталот „24 спортс“.

Реванш-натпреварот со Естонија во рамки на „Promotion Round“ за пласман на ЕХФ ЕУРО 2028 е закажан за утре во 19 часот, но според кипарските медиуми, федерацијата сè уште води консултации дали дуелот ќе се одигра според планираното.

Поврзани содржини