ДРАГИ ГЛЕДАЧИ, СЕ ЈАВУВАМЕ ДИРЕКТНО ОД ЊУЈОРК Анализата на тате следува од Чикаго
Развиените земји во светот кои имаат организирани и професионални министерства, секогаш имаат сопствен кадар кој се обучува низ годините, минува низ разните скали почнувајќи од аташе па сѐ до амбасадор или генерален конзул. За жал, секогаш постоело и секогаш ќе постои именување по некакви политички заслуги. И тоа воопшто не ѝ оди во корист на државата, особено доколку предложениот човек за конзул не е човек за таа работа, вели првиот министер за надвореши работи Денко Малески.
Цел еден ден помина откако во јавноста исплива информацијата дека 28-годишната ТВ-презентерка Бесмира Ејупи и Петрит Муслиу, син на политичкиот аналитичар Алберт Муслиу, се предложени за да бидат назначени за генерални конзули во Њујорк и во Чикаго, но министерот за надворешни работи Бујар Османи сè уште не пронашол време за да излезе пред јавноста и да ѝ објасни зошто токму овие двајца млади луѓе ги предлага да седнат на конзулските столчиња.
Па така, наместо да одговори конкретно за контроверзните предлози, МНР испрати соопштение во кое се вели дека „земјава има генерален конзул во Њујорк, Јордан Панев, кој е дипломат од кариера, и кој е избран согласно сите законски прописи. Во моментов тој е на половина од својот мандат и засега не се предвидува негова предвремена замена“.
Но, наши извори од МНР потврдуваат дека предлогот за Ејупи да биде конзул во Њујорк е веќе изгласан во владата, но дека записникот од владината седница не може да биде објавен во медиумите поради тоа што станува збор за класифицирани информации. Како што додаваат нашите соговорници, точно е дека конзулот Панев треба да истера уште половина мандат, но планот е поради „икс“ причина тој самиот да си поднесе оставка и местото да ѝ го отстапи на младата Бесмира Ејупи.
Од друга страна, пак, голем дел од актуелните и поранешните дипломати гласно говорат дека со назначувањето на Ејупи и Муслиу за генерални конзули, недвосмислено се кршат неколку членови од Законот за надворешни работи.
Конкретен одговор нема ниту од владините портпароли Душко Арсовски и Муамет Хоџа.
– На отворената седница на Владата немаше точка со ова кадровско решение – рече портпаролот Душко Арсовски.
Прашани дали луѓето како Бесмира Ејупи кои ги праќаме за генерални конзули ги исполнуваат квалификациите кои се бараат од нив, портпаролот Муамет Хоџа рече дека на владината седница не е дискутирано по ова кадровско прашање.
Дипломатски џубокс
Поранешниот министер за надворешни работи и актуелен пратеник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, вели дека именувањето ТВ-презентерка за генерален конзул на Македонија во Њујорк е спротивно на Законот за надворешни работи.
На крајот излегува дека Њујорк станал дипломатски џубокс каде желбите на владините миленици се поважни од десетиците професионалци во МНР кои со години ја градат кариерата, а не добиваат фер шанса за ангажман.
– Дали Њујорк стана дипломатски џубокс? Доколку министерот за надворешни работи Бујар Османи предложил, а владата донела одлука за генерален конзул на Македонија во Њујорк да ја именува ТВ-презентерката Бесмира Ејупи, тогаш одлуката е спротивна на Законот за надворешни работи. Имено, во член 49 од Законот, прво е наведено дека по правило за генерален конзул се именува дипломат со високо дипломатско звање од МНР. По исклучок, доколку не е кариерен дипломат, тогаш треба да биде афирмирана личност во областа на надворешната политика и меѓународните односи. Бесмира Ејупи можеби е амбициозна, но не ги исполнува законските услови за генерален конзул, бидејќи ниту е дипломат со високо звање во МНР, ниту сме забележале дека е афирмирана личност во надворешната политика. Истото важи и за лицето Петрит Муслиу, кому му ја исполниле желбата да биде генерален конзул во Чикаго. И оваа владина одлука е незаконита, бидејќи и Петрит Муслиу не е дипломат со високо звање во МНР, ниту е афирмирана личност во надворешните односи. Тоа што неговиот шура Дарко Каевски е пратеник од СДСМ, или што неговиот татко е провладин аналитичар на ТВ дебати, не може да биде основ за релативизирање на законските услови – објаснува Милошоски.
За овие незаконити одлуки за генерални конзули, додава тој, може да се поврзе и спорната номинација на Љубомир Фрчкоски за амбасадор во ООН во Њујорк, кого официјален Вашингтон со сериозни забелешки го одби за амбасадор во Америка.
– На крајот излегува дека Њујорк станал дипломатски џубокс каде желбите на владините миленици се поважни од десетиците професионалци во МНР кои со години ја градат кариерата, а не добиваат фер шанса за ангажман – посочува Милошоски.
И од неговата партија подвлекуваат дека не е ни чудо сето ова што ѝ се случува на Македонија на меѓународен план, кога кадри како Ејупи и Муслиу ја водат македонската дипломатија.
„СДСМ и ДУИ ја срамат Македонија на секој чекор. Именувањето на конзули во Њујорк и Чикаго е уште една потврда за тоа. Кога јавноста помисли дека од „патлиџан“ дипломатија не може подолу, власта демантира, па на клучни позиции испраќа ТВ водителка и син на еден аналитичар, кои немаат дипломатско искуство. Именувањето на Бесмира Ејупи за конзул во Њујорк и Петрит Муслиу, синот на аналитичарот Алберт Муслиу за конзул во Чикаго е скандалозно. Според кои критериуми овие лица добиле толку важни дипломатски позиции во САД? Дали Петрит Муслиу позицијата ја добил заради тоа што неговиот татко ревносно ја брани владата на ДУИ и СДСМ? Дали ТВ презентерката Бесмира Ејупи се квалификувала за ваква позиција затоа што прочитала неколку вести од рубриката „свет“? Ова ли се „тешкашите“ во дипломатијата кои ги најавуваше мафијата на власт? Пиунот Ковачевски и Бујар Османи должат одговори, но и одговорност за погубната дипломатија која ја водат. Не е ни чудо што ѝ се случува на Македонија на меѓународен план, кога вакви кадри ја водат македонската дипломатија“, реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Огледало на државата
Првиот министер за надворешни работи, Денко Малески, вели дека не ги познава лицата кои се предложени за конзули во Чикаго и во Њујорк и не знае колку овие лица се компетентни за да седнат на конзулското столче, но како што посочува, земјава во странство треба секогаш да го испраќа најдоброто што го има.
– Не би можел да коментирам дали предлозите за конзули во Њујорк и во Чикаго се добри или не се добри, бидејќи не ги познавам луѓето што се предложени. Но, јас само ќе кажам дека развиените земји во светот кои имаат организирани и професионални министерства, секогаш имаат сопствен кадар кој се обучува низ годините, минува низ разните скали почнувајќи од аташе па сѐ до амбасадор или генерален конзул. За жал, секогаш постоело и секогаш ќе постои именување по некакви политички заслуги. И тоа воопшто не ѝ оди во корист на државата, особено доколку предложениот човек за конзул не е човек за таа работа. Пак ќе кажам, јас не ги познавам Ејупи и Муслиу и не знам колку се искусни, талентирани и обучени за да бидат генерални конзули во Чикаго и во Њујорк, но цврсто стојам на ставот дека земјава во странство треба да испраќа најдоброто што го има, оти тоа е огледало на нашата држава – вели Малески за Плусинфо.
Кога јас бев министер за надворешни работи, а потенцирам дека јас сум првиот министер за надворешни работи, се присетува Малески, мојата главна задача беше меѓународно признавање на Македонија, а тоа го остваривме преку Конференцијата за Југославија и тоа беше нашата дипломатска база и така излеговме во светот.
Јас не ги познавам Ејупи и Муслиу и не знам колку се искусни, талентирани и обучени за да бидат генерални конзули во Чикаго и во Њујорк, но цврсто стојам на ставот дека земјава во странство треба да испраќа најдоброто што го има, оти тоа е огледало на нашата држава.
– Тогаш почна да се формира Министерството за надворешни работи. Дури потоа, мојот наследник Стево Црвенковски, започна да испраќа амбасадори и конзули во странство. Се сеќавам, нашиот прв амбасадор беше Димитар Мирчев од Либералната партија, кој беше испратен во Љубљана, Словенија. Едноставно, мора да се почитува сето она што е испишано во Законот за надворешни работи и да се запазат процедурите – објаснува Малески.
Реакција пристигна и од Македонскиот Дипломатски Синдикат, каде што се вели дека уште веднаш треба да запре злоупотребата на оваа репрезентативна професија од страна на политички субјекти кои ја користат можноста за упатување несоодветни кадри на високи дипломатски и конзуларни позиции по секоја цена.
„Законот за надворешни работи прецизно ги пропишува условите за вакви упатувања, а неодамна донесениот Етички кодекс на Владата дополнително го насочува профилирањето на ваквите потенцијални кадри. Доколку истите не се почитуваат, сѐ побргу ќе оди разградувањето на дипломатската служба, а натрапниците кои се само на краткотрајно поминување низ неа, исклучиво за личен бенефит и билдање на своите биографии, ќе бидат се побројни. Како претставници на фелата, повикуваме веднаш да престане омаловажувањето со дипломатската професија“, се вели во реакцијата.
Високо дипломатско звање!
За амбасадор може да се именува лице кое е државјанин на Република Македонија, кое има завршено високо образование и кое поседува меѓународно признат сертификат за познавање на англискиот јазик, наведено е во Законот за надворешни работи.
Лицето треба да познава втор странски јазик различен од англискиот и тоа еден од официјалните јазици на Обединетитe нации или на Европската Унија на ниво еквивалентно на нивото Б1 на ЦЕФР (CEFR), што се докажува со сертификат.
Лицето треба да има стекнато високо дипломатско звање, во случај кога кандидатот за амбасадор е од составот на дипломатско-конзуларните службеници, односно треба да биде афирмирана личност во областа на надворешната политика и меѓународните односи.
Да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност. Да не е осудуван за кривични дела за кои е предвидена казна затвор од најмалку шест месеца, за кривично дело во врска со службената должност, или за друго кривично дело што го прави недостоен за амбасадор.
Да има соодветен безбедносен сертификат.
Најмалку една четвртина од вкупниот број на амбасадори се именуваат од составот на дипломатско-конзуларните службеници со високи дипломатски звања во Министерството. При именување на амбасадорите се почитува принципот на соодветна и правична застапеност на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници и принципот на еднакви можности на половите.
Амбасадорот кој не е именуван од составот на дипломатско-конзуларните службеници, за времетраењето на својот мандат ги остварува правата и обврските од работен однос во Министерството.
Амин од претседателот
Врз основа на претходна усогласеност меѓу претседателот и министерот за надворешни работи за кандидат за амбасадор/конзул, постапката за именување ја поведува министерот, кој до Владата доставува предлог за именување на амбасадор. По прифаќање на предлогот, премиерот писмено го информира претседателот на државата за предлогот за именување на амбасадор. Претседателот писмено се изјаснува по однос на предлогот до премиерот, најдоцна во рок од 30 дена од приемот на предлогот.
По добивањето на позитивниот став од претседателот во однос на предлогот за кандидат за амбасадор/конзул, МНР бара агреман за кандидатот за амбасадор. По добивањето на агреманот, кандидатот за амбасадор започнува со подготовки за преземање на должноста, кои траат најмногу 60 дена и се сметаат за завршени по завршниот разговор на кандидатот за амбасадор со министерот и директорите во МНР.
По завршниот разговор, кандидатот ги презентира своите согледувања за односите со државата на приемот или меѓународната организација пред работното тело на Собранието, надлежно за надворешна политика.
По добиениот агреман и завршените подготовки, претседателот на државата потпишува указ за поставување на амбасадорот.
Со објавување на указот во „Службен весник на Република Македонија”, министерот го парафира, а претседателот го потпишува акредитивното писмо, по што амбасадорот/конзулот ја презема должноста во државата на приемот или меѓународната организација во најкус можен рок.