ДОЗВОЛИЛЕ ЗАТВОРЕНИЦИ ДА ШЕТААТ СЛОБОДНО ОД ЗАТВОР ДО ДОМА Обвинителство ги товари директорот Андов и уште 7 лица за тешка злоупотреба

Осуденици од затворот тајно оделе дома и на приватни локации, тоа им го овозможиле осум вработени во затворот „Шутка“.

3,593

Осум вработени во Казнено-поправната установа Затвор Скопје – Шуто Оризари се соочуваат со обвиненија за тешка злоупотреба на службената положба, откако Јавното обвинителство денеска поднесе обвинителен предлог против нив.

Во фокусот на случајот е поранешниот директор на затворот, Филип Андов – Сокол, кој заедно со двајца полициски службеници, според обвинителството, сториле продолжено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“, додека петмина други затворски полицајци се гонат за „Несовесно работење во службата“.






Истражните органи утврдиле дека во периодот од март до јули 2024, обвинетите на петмина осуденици им овозможувале недозволени поволности, вклучително и излегување од затворот до нивните домови или на приватни локации, спротивно на сите законски процедури.

„Во овие дејствија се гледа јасна умисла и координација. Овие службени лица свесно ги прекршиле правилата и со тоа го нарушиле угледот и безбедноста на затворската установа“, се наведува во обвинителниот предлог од Специјализираното одделение за гонење на дела сторени од лица со полициски овластувања.

Оваа постапка следи по полициската акција од 20 февруари 2025 година, кога МВР приведе десет лица по извршени контроли на Управата за извршување санкции. Тогаш, покрај Андов, беше уапсен и затворскиот полицаец С.К., под сомнение за овозможување бегство на лице лишено од слобода.

Истата вечер, Судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје определи мерки за претпазливост за сите десетмина. Тие вклучуваат забрана за напуштање на живеалиште, обврска за редовно јавување во судот, привремено одземање на пасошите и забрана за контакт со одредени лица.

За две лица постапката беше прекината поради недостаток на докази.

Поврзани содржини