ДОЖДОТ НЕ ГО ИЗГАСНА ПОЖАРОТ НА ДРИСЛА Депонијата и натаму гори и загадува
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, објаснува дека и во претходните денови биле исфрлени огромни количини вода, но чадењето сè уште не запира.
Иако дождот што од ноќеска паѓа во скопската котлина донесе мало олеснување, сепак не успеа значајно да придонесе во гаснењето на пожарот на депонијата Дрисла.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, објаснува дека и во претходните денови биле исфрлени огромни количини вода, но чадењето сè уште не запира.
Тој најави дека ќе се преземат дополнителни мерки за конечно да се прекине горењето, кое деновиве сериозно го влошува квалитетот на воздухот во главниот град.
Жителите на Аеродром, Ново Лисиче, Драчево, Кисела Вода и Центар постојано се жалат на неподнослива смрдеа од запалена гума и густ чад, поради што, велат, не можат ниту кратко да престојуваат надвор. Со денови споделуваат снимки и фотографии од загадениот воздух и бараат итна реакција од надлежните институции.
Ангелов вчера истакна дека смрдеата што се чувствува во Скопје се должи на тоа што ветрот го сменил правецот и сега дува од депонијата кон градот.
„Вечерва, но и во текот на ноќта, продолжуваат активностите за затрупување на депонијата Дрисла, а ќе бидат дополнително засилени рано наутро“, најави тој.