🎥 ДОЖД ОД УКРАИНСКИ ДРОНОВИ ВРЗ МОСКВА Запрен воздушниот сообраќај до и од руската престолнина

Во текот на ноќта низ цела Русија биле пресретнати вкупно 130 беспилотни летала. Од нив, како што се наведува, 25 биле соборени над Московската област.

512

Москва ноќеска повторно беше цел на напади со беспилотни летала, соопшти градоначалникот на руската престолница Сергеј Собјанин. Станува збор за втор поголем напад со дронови за помалку од една недела, откако на 10 декември беше регистриран посериозен удар, пишува „Киев индепендент“.

Според Собјанин, руската противвоздушна одбрана соборила најмалку 18 беспилотни летала кои се движеле кон Москва. Тој навел дека нема информации за загинати или материјална штета и дека итните служби ги отстрануваат остатоците од соборените дронови.






Руското Министерство за одбрана подоцна објави пошироки податоци, тврдејќи дека во текот на ноќта низ цела Русија биле пресретнати вкупно 130 беспилотни летала. Од нив, како што се наведува, 25 биле соборени над Московската област.

Жители на Истринскиот округ, на околу 40 километри западно од Москва, пријавиле повеќе од десет силни експлозии, објави рускиот Телеграм-канал „Шот“. Експлозии биле слушнати и во Кашира и Коломна, јужно од главниот град.

Поради нападите биле воведени и привремени ограничувања во воздушниот сообраќај на московските аеродроми Жуковски и Домодедово. И претходните напади предизвикаа нарушувања во воздушните операции, со приземјување и одложување на стотици летови.

Украина редовно користи беспилотни летала со долг дострел за напади врз воени и индустриски цели длабоко на руска територија. Неколку дена претходно, на 13 декември, украинските сили погодија повеќе објекти, меѓу кои рафинеријата за нафта Афипски во Краснодарскиот крај, складиште за нафта во Урјупинск во Волгоградската област, како и две складишта за гориво на Крим.

Поврзани содржини