ДОСТА НИ Е ОД ЧИЧО И БАТО ОД СТРУМИЦА Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се борат против местенки на судии и обвинители
На оваа држава и треба објективно и непристрасно судство и обвинителство. Се’ друго е злоупотреба на власта и злоупотреба на мнозинството во ова Собрание - потенцира Пренџов.
Државен службеник не може да ги испитува кандидати за јавни обвинители и судии кои работат како адвокати, стручни соработници, јавнообвинителски службеници и тоа се’ да биде објективно, порача од собраниската говорница Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ.
– Секој збор дека опозицијата блокира во ова Собрание, денес по којзнае кој пат падна во вода. Ниту имаме илјадници амандмани поднесено, туку имаме само неколку суштински. Едноставно, доста беше именување на чичо, вујче, бато од Струмица, од Свети Николе или други градови. На оваа држава и треба објективно и непристрасно судство и обвинителство. Се’ друго е злоупотреба на власта и злоупотреба на мнозинството во ова Собрание – потенцира Пренџов.
Прво, објасни тој, имавме Закон за академија на судии и јавни обвинители кој што беше пуштен во редовна процедура, како што личи.
– Кога зборуваме ние за право и правда која што е столб на општеството, тука нема поделба на власт и опозиција, нема поделба по етничка, верска или било каква друга припадност бидејќи сите ние заедно во Република Македонија сме 111 место по корупција и сите ние заедно мора учествуваме во подобрување на состојбите во државата -истакна Пренџов.
Тој објасни дека наеднаш истото тоа законско решение од нормална и редовна постапка преминува со европско знаменце затоа што тука имаме само три дена можност да се дискутира и потоа истото оди на пленарна седница.
– Првата клучна забелешка која што како опозиција сакаме да ја истакнеме е тоа дека најодговорно тврдиме дека во овој закон не пишува со која регулатива се усогласува со Европската унија. Такво нешто нема и нормално како пратеници од опозицијата побаравме процедурално зошто тоа се случува. По првото процедурално, не ни беше дозволено да зборуваме, ни беа одземени процедуралните и беше ставено на гласање, како што би рекле од СДСМ од минатите состави, на шверцерски начин. Не се праша кој е „За“, кој е „Против“, кој е „Воздржан“ – рече пратеникот.
Тој објасни дека во текот на денот, денес повторно имале закажано седница на Комисијата за политички систем.
– И не можејќи повеќе да се бега од силата на аргументите, претседателот на Комисијата заедно со мнозинството од власта, одлучија истиот овој закон да го презакажат за по 17 ноември, односно по изборите, бидејќи она што е факт е тоа што ги изнесовме на чистина, да види јавноста дека уште од млади нозе идните судии и јавни обвинители во ова општество ќе се бираат партиски. Има 5 клучни проблеми овој закон, покрај она арогантно однесување во рамки на Собранието. Првиот како што кажав, не постои усогласување со ниту една европска регулатива. Вториот дел е тоа што во постоечкото законско решение субјективното влијание на приемната комисија пред која се полага само усмениот дел од испитот изнесува максимум 15% од вкупната оценка за секој кандидат за разлика од предложените законски измени каде што ова влијание ќе биде на 50%. Ние наместо 15% да имаме 0% влијание на човечки фактор, со ова законско решение одиме на 50% и тоа ни кажува дека уште пред да се запишуваат идните јавни обвинители и судии ќе се знае кој треба да се запише, а кој не треба да се запише – вели Пренџов.
Тој додава дека има и куриозитет – министерот за правда кој што е политичко лице, ќе избира член во комисијата, тој ќе го именува, ќе биде негово дискреционо право, ќе го именува членот во Комисијата кој што ќе одлучува кој може да биде судија или обвинител.
– Исто така е спорно, тотално нелогично, тотално неевропски, тоа што државен службеник усно испитува кандидати за јавни обвинители и судии кои работат како адвокати, стручни соработници, јавнообвинителски службеници и така натаму.