ДОСЕГА ЗАГИНАЛЕ 9.287 ЦИВИЛИ, ОД НИВ 537 ДЕЦА Потврдени податоци на ОН за жртвите од почетокот на војната во Украина
Повредени се 16.384 цивили, од кои 1.117 се деца, главно во гранатирање од страна на руските вооружени сили - изјави заменик генералниот секретар на ОН за политички прашања Розмари ди Карло на седница на Советот за безбедност.
Од почетокот на руската инвазија во Украина се убиени речиси 9.300 цивили, а повеќе од 16.300 се повредени, покажуваат потврдени податоци на Обединетите нации.
– Според Канцеларијата на Високиот комесаријат за човекови права, од почетокот на руската инвазија, 9.287 цивили се убиени, а 16.384 се повредени, главно во гранатирање од страна на руските вооружени сили – изјави заменик генералниот секретар на ОН за политички прашања, Розмари ди Карло, на седница на Советот за безбедност.
Податоците на ОН покажуваат дека 537 од загинатите и 1.117 од повредените се деца.
Ди Карло појасни дека ова се само потврдени бројки и веројатно реалниот број на жртви е далеку поголем. Таа додаде дека Украина е земја со најголем број убиени и повредени деца и најголем број напади врз училишта и болници во 2022 година.
Мисијата на ОН за човекови права во Украина извести дека во последните 500 дена биле убиени три пати повеќе цивили отколку во борбите во источна Украина во последните осум години.