Слаб е интересот на лицата кои се во самоизолација за гласање на изборите, кое за нив ќе се спроведе на 13 јули. Иако вечерва на полноќ истекува рокот за пријавување за гласање на изборите на граѓаните кои се во самоизолација, од ДИК велат дека досега се пријавиле само 110 лица и дека максимум очекуваат да се пријават не повеќе од 300 граѓани.
– Заклучно со синоќа има 110 пријавени лица кои се во самоизолација поради коронавирусот и кои сакаат да го остварат своето право на глас. Претпоставуваме дека бројот на пријавени лица до 24 часот нема да биде поголем од 300. Сѐ ќе зависи и од ангажманот на партиите – изјави за Плусинфо претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски.
Лицата кои се во самоизолација заради позитивен ковид тест и на тие кои им е одредена изолација доколку се пријават вечерва до полноќ, своето избирачко право ќе може да го остварат на 13 јули. Позитивните на ковид-19 и тие во изолација за гласање треба преку полномошник или по електронски пат да достават известување и копија од решение за карантин или самоизолација, издадено од Државниот санитарен и здравствен инспекторат, до Општинската изборна комисија во местото каде постојано живеат.
На 13 јули лицата кои ќе се пријават за гласање ќе ги посетат посебни избирачки одбори и гласањето ќе биде спроведено според посебни строги протоколи за заштита од коронавирусот.
Лицата чии резултати ќе бидат позитивни по 8 јули или по овој датум ќе бидат ставени во самоизолација нема да може да гласаат.