ДОСЕГА ПРЕДАДЕНО 9.401 ПАРЧЕ ОРУЖЈЕ Вучиќ вели дека ќе ангажира светски експерти да работат со децата во училиштата

УНИЦЕФ ги има најдобрите експерти и тие ќе работат со нашите експерти, ќе обезбедиме средства за тие програми, рече Вучиќ и додаде дека од Институтот за ментално здравје биле ангажирани 156 психолози.

46

Во обраќањето до јавноста на српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека до девет часот биле предадени 9.401 парчиња оружје и дека ќе се ангажираат светски експерти да работат на поддршка на децата и родителите, јави дописникот на МИА од Белград.

– До 9 часот утринава, согласно одлуките донесени во претходните денови и страшните трагедии во Белград, во околината на Младеновац и Смедерево, во акцијата за собирање оружје собрано е 9.401 парче оружје, 460.537 куршуми од различен калибар, а собрани се и 884 минско- експлозивни направи, од кои 711 бомби и зољи – изјави Вучиќ.






Како што оцени, „особено е задоволен од она што е постигнато со испраќањето полицајци во училиштата“.

Тој потсети дека премиерката Ана Брнабиќ се сретнала со претседателот на Советот на родители на основното училиште „Владислав Рибникар“ и дека било договорено да се исполнат сите барања на родителите.

– Потребно беше сѐда се разјасни. Ќе разговараме и со светски експерти, разговаравме со норвешката амбасада бидејќи таа земја има искуство по злосторството што го изврши Брејвик кога беа убиени 77 млади луѓе. УНИЦЕФ ги има најдобрите експерти и тие ќе работат со нашите експерти, ќе обезбедиме средства за тие програми – рече Вучиќ и додаде дека од Институтот за ментално здравје биле ангажирани 156 психолози.

Во врска со мититнзите кои се одржуваат во Србија и од него најавениот за 26 мај, Вучиќ изјави дека собирот закажан за 26 мај не е контрамитинг, како што објавија некои медиуми, бидејќи за тој датум не бил закажан друг митинг.

– Собирот е организиран за важни одлуки кои не се поврзани со омраза, никого нема да пцуеме ниту да ја злоупотребуваме трагедијата, не организираме спонтани собири, туку да кажеме каков е планот за иднината на државата. Тоа е собир за обединување, а не на поделба. Ние не закажавме собири за 12-ти или 14-ти кога спомнаа дека го сакаат, туку многу однапред кога немаше друг собир и секако дека ова не е контра митинг – рече Вучиќ.

Поврзани содржини