ДОНАЦИЈАТА НА АВМУ ЗА ИРЛ ЈА КРИТИКУВАЛЕ УРЕДНИЦИ КОИ ПРОМОВИРАЛЕ ИНТЕРЕСИ НА ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ?! Еве како ИРЛ ја брани добиената државна помош

„Голем дел од критичарите на оваа донација се уредници и директори на актуелни национални телевизии и онлајн медиуми, а голем дел од нив работеа и делуваа во медиуми кои користеа милиони евра преку владини кампањи со цел да промовираат лични, партиски и интереси на организираниот криминал“, се вели во одговорот на ИРЛ на прашањата на Плусинфо.

1,673

Во врска со доделената донација од 5 милиони денари од страна на АВНМУ, Редакцијата на Плусинфо достави прашања до Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ). Ова е дописот што го добивме од Сашка Светковска, уредничка на ИРЛ, попладнево:

„Почитуван Бранко Геровски,






Во прилог ви ги испраќаме одговорите на Вашите прашања. Доколку имате некакви нејаснотии или дополнителнио прашања, слободно контактирајте ме на телефонот оставен подолу во електронскиот потпис. Истовремено, Ве каниме да ги посетите и нашите канцеларии со цел да ве запознаеме одблиску со нашиот процес на работа и нашиот тим и сами да носите заклучоци за тоа дали ИРЛ ја оправдува довербата на граѓаните. Во продолжение нашите одговори.

1. Дали ви е познато дали донацијата од АВМУ е од државни пари?

АВМУ се финансира од сопствени приходи и од буџетски средства. ИРЛ не е првото граѓанско здружение ниту првиот медиум којшто добил донација од Агенцијата за медиуми. Агенцијата за медиуми доделила донации и на организации како Советот на етика на медиумите, спортски радија, локални медиуми, но и граѓански организации со други цели, како хуманитарни организации.

2. Дали ИРЛ учествувала на јавен повик или во некоја друга законски дефинирана и транспарентна постапка за да ја добие донацијата?

Начинот на донирање на АВМУ кон ИРЛ е регулиран со Законот за донации и за барањата за донации одлучува Советот на АВМУ.

3. Дали ИРЛ побарала ваква донација и на кој начин го сторила тоа?

ИРЛ испрати барање за донација до АВМУ во која беа јасно наведени целите, визијата и стандардите на ИРЛ, како и нашето влијание и резултати од формирањето до денес.

Напорите да обезбедиме квалитетно и иновативно информирање за жал постојано биле помагани од странски фондации, претежно владини, иако праксата во европските држави вклучува финансирање од државните средства за проекти од јавен интерес. Програмата „Редакција“ копродуцирана од Македонскиот јавен сервис и ИРЛ, покажа дека медиумските продукти финансирани од државниот буџет можат да имаат двојно поголем поврат на инвестицијата од којашто ќе имаат бенефит сите граѓани на државата.

Од формирањето на ИРЛ во 2018 година до денес, нашите приказни предизвикаа различни институционални домашни и меѓународни реакции, иницираа судски процеси, постапки пред обвинителството и Антикорупциската комисија, како и иницијативи за промени во институционалните протоколи, но и законодавството. Други наши стории помогнале да се спаси културното наследство или довеле до уривање на нелегално изградени објекти.

Истражувањата на ИРЛ придонесуваат и за буџетот на РМ и на заедницата и враќаат повеќе од инвестицијата на граѓаните потрошена за да се направат истражувањата. Само две епизоди од серијалот Редакција доведоа до серија истраги и инспекциски контроли кои резултираа со казни на повеќе компании од повеќе институции во висина од 805,000 евра, што претставува 4 пати повеќе пари од инвестираните буџетски средства од јавниот сервис, на пример.

Дополнително, во барањето се наведени и конкретните активности и проекти на здружението кои ќе бидат помогнати со донацијата, а истите се однесуваат на известување за теми кои се важни за граѓаните и ќе им помогнат да носат информирани одлуки – политичка пропаганда за време на избори и владеење на право, истражувања за правосудството, дата база на судии и обвинители и тренинг на новинарски и продукциски кадар. За реализацијата на овие активности ИРЛ е задолжена да испраќа редовни наративни и финансиски извештаи до Агенцијата за медиуми и до Управата за јавни приходи којашто е задолжена да ја следи реализацијата на овие средства.

4. Со оглед на познатите ставови на новинарските здруженија ЗНМ, СЕММ и ССНМ против финансирање на недржавните медиуми со државни пари, дали ИРЛ смета дека одлуката на АВМУ е коректна и во духот на принципот на располагање и управување со државните пари на недискриминирачка основа и во транспарентни постапки?

Ставовите на новинарските здруженија се во насока на формирање на Фонд за медиумски продукти со којшто ќе се доделуваат средства за подобрување на медиумските содржини и на медиумскиот пазар. Здруженијата се противат на доделувањето средства  за емитување на владини реклами, проект којшто во минатото се покажа погубен за демократијата и за медиумските слободи, а не донесе никаков бенефит за подобрување на пазарот на медиуми во земјава. Постапката воопшто не е сокриена, одлуката за донација беше објавена на веб страницата на Агенцијата, а беше дистриубирано и соопштение за јавноста кое што го објавија дузина медиуми.

Донацијата на ИРЛ предизвика негативни реакции кај медиумите коишто се заложуваат за државни реклами со цел да креира притисок врз еснафските здруженија да ги прифатат нивните идеи за владини кампањи. Од оваа донација бенефит ќе имаат граѓаните, но и младите новинарски и продукциски кадри коишто генерации новинари пред нас пропуштија да ги негуваат и создаваат. Голем дел од критичарите на оваа донација се уредници и директори на актуелни национални телевизии и онлајн медиуми, а голем дел од нив работеа и делуваа во медиуми кои користеа милиони евра преку владини кампањи со цел да промовираат лични, партиски и интереси на организираниот криминал.

ИРЛ не се финансира преку платено рекламирање и платени ПР – соопштенија со кои моќните и влијателни поединци си овозможуваат заштита од прогон, туку од грантови и донации, како и од граѓански мали донации,  со цел да обезбеди независна и квалитетна содржина, како и подобрување на пазарот на труд во медиумите.

Срдечно, Сашка“

АВМУ ДОНИРАЛ 80.000 ЕВРА ДРЖАВНИ ПАРИ ЗА ИРЛ Предложил директорот Трајчевски, одлучувал Советот, немало јавен повик, така било законски!

Поврзани содржини