ДОКУМЕНТИ ЌЕ ВАДИМЕ СО „ЕНТЕР“, НЕМА ШЕТАЊЕ ПО ШАЛТЕРИ Заев ги испрати во историјата уверенијата во хартиена форма
По електронски пат ќе се вадат потврди за казнена евиденција и сите други уверенија кои се потребни за вработување или за добивање виза за во странство. Овие услуги се достапни на сајтот „Е-услуги“, каде што може да се извади потребното уверение за само три минути, рече премиерот Зоран Заев.
Отсега на граѓаните ќе им бидат потребни само три минути за да добијат извод од казнената евиденција, уверение од кривична евиденција или друго уверение кое е потребно за вработување или за добивање виза за во странство, рече премиерот Зоран Заев, на денешната прес-конференција, промовирајќи ја дигитализацијата на судството преку која се овозможува вадење документи по електронски пат.
– По електронски пат ќе се вадат потврди за казнена евиденција и сите други уверенија кои се потребни за вработување или за добивање виза за вработување во странство. Со други зборови, тоа е доказ дека нема сторено кривично дело, не се води кривична постапка. Дополнително, доколку некое лице сака да се јави на тендер ќе мора да има ваква потврда. Поголем број странски компании во земјата бараат вакви изводи при процес за вработување на некое лице. Овие услуги се достапни на сајтот „Е-услуги“, каде што може да се извади потребното уверение за само три минути. Нема веќе чекање по шалтери или патување во други градови. Заминува во историја вадењето документи во хартиена форма и лично подигнување на документот. Електронско поднесување на барањето, електронско плаќање преку електронска платежна картичка и електронски добивање на документот. Со оваа активност судот започнува да ја применува регулативата на ЕУ, односно нејзината национална транспозиција со Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги и со тоа се приклучи во практичната примена на Националната платформа за интероперабилност. Следува и опремување на стотици судници во земјава и воведување најсовремена информатичка опрема во судниците – рече Заев.
Тој додаде дека со дигитализацијата на судството ќе се елиминираат изговорите за застареност од гонење.
– Се усвоија и измените од законите за лична карта, за матичен број, за лично име, за пријавување на живеалиштето. Со новите измени се овозможува да се поднесе барање преку националниот портал, а наведените закони ќе овозможат целосна комуникација на сите нивоа. Процесот на дигитализација ќе обезбеди намалување на човечкиот фактор. Со реализацијата го подобруваме и квалитетот на животот на нашите граѓани и го подобруваме начинот за комуникација со институциите. Граѓаните ќе добијат модерно општество – рече премиерот.
Министерот за правда, Бојан Маричиќ, истакна дека станува збор за многу важен процес преку кој се модернизира државата, а придобивките одат директно кај граѓаните.
– Пред неколлку месеци објавивме дека Владата го усвои планот за дигитализација на судството, а денес, тука, ги претставуваме резултатите од овој важен процес. Направивме модернизација за издавање потврди. На граѓаните ќе им бидат потребни 3 минути за да добијат извод од казнената евиденција, уверение од кривична евиденција, дигитално уверение дека за лицата не се судени. Луѓето одеа до судот во градот каде што се родени за да поднесат за вадење документи и да чекаат со денови за да ги добијат документите. Се модернизираме, а придобивките одат директно кај граѓаните – рече Маричиќ.
На прес-конференцијата присуствуваше и судијата Лазар Нанев.
– Услугата обезбедува ефикасен пристап до правдата, штеди ресурси, време и ги намалува трошоците. За пример, доколку се има во предвид дека судовите на годишно ниво со физички пристап на корисниците односно на граѓаните издаваат повеќе од 100 илјади потврди, односно уверенија, а реално потрошеното време просечно изнесува од 10 до 20 минути по дадената услуга судовите трошат само за оваа услуга 58 до 60 дена во текот на една година или дневно три до четири часа само за оваа услуга, а секој барател по неколку часа дневно. А доколку се однесува со место на раѓање во друг град од местото на живеење и цел ден. Со користење на оваа алатка која што ја промовираме потрошеното време нема да биде повеќе од 10 минути – истакна Нанев.
Ова, како што посочи судијата, значи ефикасен пристап до услугата и истовремено намалување на трошоците и времето, обезбедува заштита на повеќе од 30 пакети хартија, повеќе од 100 тонери, односно изразено во финансиски средства повеќе од еден милион евра на годишно ниво, што навистина претставува значителна финансиска инјекција за самите судови.
Услугата, истакна Нанев, овозможува електронско поднесување на барањето, електронско плаќање преку платежната картичка и електронско добивање на потврдата, односно уверението во ПДФ формат со бар код, односно сертификат што подразбира поврзување на документот со електронскиот потпис и електронскиот печат којшто е издавач на документот со којшто се потврдува идентификацијата и веродостојноста на документот.
– Веродостојноста и доказната вредност, односно доказната сила на самиот документ се утврдува со скенирање на бар-кодот со мобилниот телефон андроид или ајфон којшто ве упатува на издавачот на услугата – рече судијата Нанев.
Тој напомена дека издавањето на уверението од казнената евиденција нема да ги ограничи во овој момент граѓаните кои не користат дигитални алатки, што значи дека физичкиот пристап, односно алтернативниот начин ќе им биде овозможен во овој преоден период.
На крајот на прес-конфренцијата практично беше покажано како изгледа процесот за добивање на извод од казнена евиденција и колку целата постапка е едноставна.