ДОКУМЕНТАРЕЦ ЗА БОРАЧИТЕ ОД РАДОВИШ Златните момчиња од „Бучим-Јака“ го претворија сонот во успех
Филмот е автентична приказна за неповторениот триумф на клупскиот спорт во Македонија и за искачувањето на патот на успехот, до освојувањето на европското и светско злато во борење - слободен стил на Боречкиот клуб „Бучим-Јака“ од Радовиш, во 1995 и во 1996 година.
Најновиот македонски документарен филм на Фондацијата проф. д-р Ванчо Чифлиганец, „Македонскиот сон – Ние сме светски шампиони“ („The Macedonian Dream – We are world champions“), во оригиналната македонска верзија со англиски титл превод, ѝ е достапен на јавноста на YouTube каналот Adora Business Group на овој линк https://youtu.be/O3sSryMmcT0
Филмот е автентична приказна за неповторениот триумф на клупскиот спорт во Македонија и за искачувањето на патот на успехот, до освојувањето на европското и светско злато во борење – слободен стил на Боречкиот клуб „Бучим-Јака“ од Радовиш, во 1995 и во 1996 година. Документарниот филм е богат мозаик на лични, интересни и возбудливи сведоштва на македонските борачи, тренери, судии, спортски активисти, кои со поддржувачите и френетичната публика, го остварија најхрабриот сон и историски најголемиот спортски успех, ставајќи ја Македонија рамо до рамо со светските спортски велесили. Златните момчиња од „Бучим-Јака“ со победа над тогашните магнати во борењето од Унгарија, Турција и од САД, го претворија личниот сон во колективен и национален успех и потврдија дека со силна волја, јасна визија, посветена работа, колективна поддршка и пред сè, со големо срце, македонските спортисти можат да ги освојат највисоките европски и светски врвови.
– Во ова време обременето со неколкугодишната пандемија со ковид, со енергетска, економска, а сега и воена криза, се надеваме дека еден ваков историски, документарен и едукативен филм со поширок општестевен контекст, создаден со многу труд и љубов, ќе биде вистинско освежување за јавноста, како веродостоен пример и поттик за поголеми ангажмани во постигнувањето лични, колективни, национални и интернационални успеси, за афирмација на спортистите, младите генерации и на Македонија како држава – велат од Фондацијата.