ДОКОЛКУ ЈОВЕВСКИ БИДЕ ИЗБРАН ЗА СУДИЈА Русковска вели дека ќе размисли за конкурсот јавен обвинител
Инаку, Русковска смета дека институцијата со која раководи не е соодветно екипирана со обвинители, а вината за тоа ја лоцира во „бавното излегување на кадри од Академијата за судии и јавни обвинители“.
Немам многу размислувано за конкурсот за државен обвинител, затоа што имаме актуелен државен обвинител, вели шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска во емисијата „360“.
Сепак, доколку обвинителот Љубомир Јовески биде избран за судија на Уставниот суд, таа не ја исклучува можноста.
– Ако (Јовески) биде избран за судија, може и ќе размислам. Инаку веројатно ќе одам во пензија. Имам и друга опција, доколку има оглас во Јавното обвинителство за обвинител, би се пријавила – информира Русковска.
Прашана дали е задоволна со исходот од вчерашното гласање во Советот на јавни обвинители, Русковска одговори потврдно.
За тоа, пак, како ќе соработува со Валентина Беслимовска, една од петтемина реизбрани обвинители, со оглед на тоа што првично и даде негативна оценка, Русковска рече:
„Ќе соработувам како и досега што сум соработувала. Ние никогаш не сме имале проблем во соработката.“
На дополнителното прашање – дали Беслимовска заслужуваше реизбор, шефицата на ОЈОГОКК рече дека не ги коментира одлуките на Советот на јавни обвинители.
Инаку, Русковска смета дека институцијата со која раководи не е соодветно екипирана со обвинители, а вината за тоа ја лоцира во „бавното излегување на кадри од Академијата за судии и јавни обвинители“.
– Во суштина, сум задоволна од сработеното на ОЈОГОКК во изминатите три години, но граѓаните може да кажат најдобро за тоа. Се разбира, секогаш може и повеќе и подобро. Инаку, криминал и корупција постојат – вели Русковска.
Таа не мисли дека институцијата би имала подобри перформанси ако обвинителите од некогашното СЈО, кои беа избрани да бидат дел од нејзиниот тим, не ги поставеше да работат на предмети за криумчарење мигранти и за прекршување на полициските овластувања.
– Немаат поминато повеќе обуки од останатите обвинители ниту пак имаат работено на повеќе високопрофилни случаи од другите – го образложи својот став Русковска.