ДОДИК НАЈАВИ РЕФЕРЕНДУМ ЗА НЕЗАВИСНОСТ НА РС „Вратете нè на Дејтонскиот мировен договор“

Не бараме конфликти, туку слобода и почитување, што се постигнува преку референдум и усвојување на Декларацијата за самоопределување. Тоа е нашата порака - вратете нè на Дејтонскиот мировен договор. Ќе го дадеме нашето мислење на референдумот што ќе се одржи на крајот на септември, рече лидерот на босанските Срби на прес-конференција во Бања Лука.

311

Претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик, денеска објави дека референдум за независност на Република Српска (РС) ќе се одржи до крајот на годината, доколку не се постигне траен политички договор во Босна и Херцеговина (БиХ).

– Не бараме конфликти, туку слобода и почитување, што се постигнува преку референдум и усвојување на Декларацијата за самоопределување. Тоа е нашата порака – вратете нè на Дејтонскиот мировен договор. Ќе го дадеме нашето мислење на референдумот што ќе се одржи на крајот на септември – рече Додик на прес-конференција во Бања Лука.






Потоа, како што изјави, граѓаните на РС треба да го искажат своето мислење за пресудата на Судот на БиХ против него, а доколку дури и потоа нема политички договор на ниво на БиХ и „враќање кон Дејтонскиот договор“, во рок од 90 дена ќе биде распишан референдум за независност на РС.

Тој оцени дека БиХ е „непостоечка држава, исто како што е непостоечки Дејтонскиот договор, за кој рече дека е уништен“.

– За нас, БиХ е непостоечка држава, Дејтонскиот договор е непостоечки, бидејќи е уништен, тоа е измама и нема повеќе разговори за ова прашање – рече Додик на прес-конференција во Бања Лука.

Според него, Дејтонскиот договор е уништен од бошњачката страна, „преку злоупотреба на неуставниот Суд на БиХ, Обвинителството, како и преку притисок и покорност на голем број луѓе од РС, кои дојдоа на позиција да ја елиминираат позицијата на РС со квази-судска одлука“.

Ова, оцени тој, „го поништи целиот Дејтонски мировен договор, без можност за негово повторно потврдување“.

Додик оцени дека РС направила грешка кога го потпишала Дејтонскиот мировен договор, наведувајќи дека тоа е „заблуда“ на српскиот народ.

-Дејтонскиот договор е уништен. Бошњаците веруваат дека Дејтонскиот договор е лудачка кошула што треба да се отстрани, рече претседателот на РС.

Тој нагласи дека РС треба да го отфрли високиот претставник во БиХ, кого го нарече „најголемата измама“, како и Советот за спроведување на мирот (ПИК), кого го нарече „ад хок“ група.

– Отфрлете ги одлуките на лажниот висок претставник и можеме да се вратиме на разговорот. БиХ сега е под окупација – рече Додик, наведувајќи дека ставот на новата американска администрација е исто така дека земјите треба сами да одлучат за својата судбина.

Тој нагласи дека нема да се повлече од политичката сцена, дека не ја прифаќа пресудата на Судот на БиХ против него, која ја нарече „пресуда против Република Српска“.

– Се обраќам до народот на РС, не ме бранете мене, бранете ја Република Српска – рече Додик.

Тој исто така рече дека нема да има предвремени избори за претседател на РС ако Судот на БиХ ја потврди одлуката на Централната изборна комисија (ЦИК) да му го одземе претседателскиот мандат поради пресудата, додавајќи дека РС ќе се спротивстави на каква било надворешна интервенција доколку има обиди за одржување на овие избори.

Тој го повика ЕУФОР да се распореди на граничната линија меѓу ентитетите доколку има инциденти.

– Се ставам на чело на националното и народно движење за ослободување на РС од БиХ – заклучи Додик.

Поврзани содржини