🎥 ДОДЕКА НИЕ НЕ ЗНАЕМЕ ЗА НАШИОТ ПРВ ФОТОГРАФ, БУГАРИТЕ НА ВИКИПЕДИЈА ВЕЌЕ ГО НАПРАВИЛЕ БУГАРИН Златко Теодосиевски во поткастот на Плусинфо за слабостите на нашата културна политика
Буџетот за културата упорно се распределува според принципите наследени од социјализмот – малку пари за што поголем број проекти - а главен збор при одлучувањето за културниот денар водат клановите и партиските комисии. Министрите се секираат главно да има плати за т.н. културни работници, а финансирањето на продукцијата е во втор план. Ова се дел од поентите на интервјуто на Теодосиевски за поткастот на Плусинфо.
Дали сте чуле за познатиот велешки зограф Хаџи Коста Крстев?
При обновувањето на црквата во манастирот „Св. Димитрија“ кај Велес, во 1855 година, масјторот на јужниот зид оставил натпис: „Сеј обител обновисја в лето изобразил Х. Косте зограф и фотограф“.
Фотограф?! Да, Македонија не знае за својот веројатно прв фотограф Хаџи Косте. Од него нема оставени фотографски дела, но тоа не го менува фактот дека постоел и творел.
Во контроверзната „Македонска енциклопедија’, која своевремено предизвика бура во јавноста, немаше одредница за македонската фотографија. Дури и упорното пребарување на интернет сега може да ве доведе само до скромни и површни написи на оваа тема. До неодамна објавената монографија на Фото сојузот на Македонија за македонската фотографија од 1945 година, ние немавме ниту еден позначаен труд за историјата на македонската фотогафија или за фотографијата поврзана со Македонија.
Тој пропуст сега го надомести извонредниот, магистрален труд во 4 тома, „Пролегомена за македонската фотографија“, на историчарот на уметноста Златко Теодосиевски. Авторот е и публицист, есеиист и колумнист, а неговите колумни од неговата блог-страница редовно ги преобјавува и Плусинфо.
Во поткастот на Плусинфо, новинарот Бранко Героски со Теодосиевски разговара за тоа кон што води потценувањето на фотографијата како уметност, па и на културното творештво воопшто, кое е составен дел од македонскиот национален идентитет.
Тоа го користат другите, тие што го негираат македонскиот идентитет. Хаџи Косте е непознат за пошироката македонска јавност, но, како што вели Теодосиевски, го има во бугарските статии на Википедија, се разбира како бугарски фотограф.
Од интервјуто ќе се уверите дека разговорот за уметноста може да биде интересен, дури и провокативен, кога имате соговорник како Теодосиевски, кој ги критикува зборува и за погрешните политики на распределба на буџетот за културата според принципите наследени од социјализмот.
Соговорникот на Плусинфо отворено говори и за клановите и за влијанието на партиските комисии при одлучувањето за трошењето на културниот денар.
Теодосиевски зборува и за блокираниот проект за донесување нов закон за јавниот интерес во култрурата, кој треба да го замени сегашниот закон со кој државата ја „озаконува“ културата, а всушност уметниците ги сведува на трговци-поединци и згора се гордее со тоа.
Овие и повеќе други прашања, веруваме, ќе го задржат вниманието на гледачите на поткастот и на читателите на Плусинфо.