Додека некои школи имаат сензорни соби, други немаат струја, а камоли електронски дневник
Наставниците се поделени околу укинувањето на хартиениот дневник поради тоа што не сите училишта во земјава ги имаат истите услови за работа - додека некои имаат сѐ, други немаат ни стабилна струја ни компјутери.
Новата одлука за укинување на печатениот дневник и постоење само на електронскиот, според повеќето професори е невозможна за реализација, поради тоа што велат дека се соочуваат со катастрофални услови за работа. Нема стабилен интернет, нема доволно компјутери и дополнителна опрема, а струјата е слаба и системот често паѓа.
Лидија Димеска, професорка во СУГС „Владо Тасевски“, смета дека училиштата не се сè уште спремни, бидејќи е многу рано за ваков чекор и дека ова е сложена работа.
– На пример, системот паѓа многу често кога треба сите да внесуваме одеднаш, не функционира. Каде ќе пишеме оценка ако го укинат хартиениот? Треба повторно да се служиме со помошни средства, со тефтери, традиционални начини, како и до сега – вели професорката Димеска.
Таа додава дека во училиштето во кое работи немаат потешкотии со интернет врската, но за разлика од таму, во основното училиште во Ѓорче каде учат нејзините деца, многупати се случувало да губат од часовите, не само поради интернет врската, туку и поради слабата струја.
Тука се и училиштата од руралните средини каде професорите велат дека се принудени да бараат начини како знаат и умеат да дојдат до интернет и тие сега не можат ни да замислат како би се снаоѓале во оваа нова ситуација.
– Најискрено, се соочуваме со катастрофални услови, без интернет, а да не зборуваме за компјутери и дополнителна опрема. Наставниците не се спремни и ќе мачат мака за да ги остварат барањата за оставање на хартиениот дневник. Мој предлог зад кој цврсто стојам е тоа да биде обратно, да се откажеме од електронскиот, а да останеме со хартиениот. Министерството нека ни овозможи услови за нормална работа, а не да налага работи кои се тешко достапни, особено за нас во подрачните училишта. Оставени сме на милост и немилост, доволно време работиме на стари табли и искршени клупи. Тоа е приоритетот во моментов – вели Фатима Ала од подрачното училиште „Марко Цепенков“ во Страхојадица.
Професорката Виолета Младеновска од основното училиште „Марко Цепенков“ во Зелениково, вели дека не сите училишта имаат основни услови за воведување модерна технологија и дигитализација во образовниот и воспитниот процес.
– За овие работи, нас, наставниот персонал никој не нè прашува, туку само ни се кажува или даваат насоки за работа и понатаму се остава на индивидуалниот пристап на наставникот. Да напоменам дека не сите училишта имаат основни услови за дигитализација. Додека во некои училишта се ставаат сензорни соби, некои немаат ни вода, ни струја, а интернетот е мисловна именка – вели професорката Младеновска.
Сепак, оваа одлука за некои од професорите е правилна и ја поддржуваат.
Според Моника Силјаноска, професорка во скопската гимназија „Никола Карев“, ова не е ништо ново бидејќи со години се работи со електронските дневници и воедно се сложува да се укинат печатените и да постојат само електронските.
– Сигурно има училишта кои можеби и кубурат со компјутери, не би можела да знам, но во однос на училиштето во кое работам можам да кажам дека апсолутно има можност. На големо задоволство е оваа одлука за целиот персонал – вели професорката Силјаноска.
Од Бирото за развој на образование не добивме коментар за реакциите на наставиците и за проблемите кои тие ги посочуваат.