ДОЦНА Е ЗА ХИДРОЕЛЕКТРАНИ НА БАЛКАНОТ? Загрижувачка анализа за проблемите во решавањето на енергетската криза

Иако некои земји во регионот тврдат дека имаат огромен неискористен потенцијал, авторите на студијата истакнуваат дека овие тврдења обично се засноваат на децениски процени од времето „кога врнежите беа попредвидливи, кога луѓето не се спротивставуваа на експропријацијата и кога беше малку познато за неверојатниот биодиверзитет на регионот“.

301

Проектите за изградба на нови хидроелектрични централи во земјите од Западен Балкан ќе бидe се потешко да се реализираат во иднина, пред сè поради климатските промени, противењето на јавноста и правните и финансиски предизвици, при што тие проекти или нема да придонесат за енергетската безбедност или немаат доволно економски потенцијал, се нагласува во анализа на повеќе меѓународни организации.

Хидроцентралите традиционално играат голема улога во многу електроенергетски системи од Југоисточна Европа, со особено голем удел во некои земји од Западен Балкан каде заедно со јагленот со децении се столбот на производството на електрична енергија.






Во анализата „Зошто хидроенергијата во Југоисточна Европа е ризична инвестиција“ се наведува дека многу земји од Југоисточна Европа се во фаза кога новите хидроенергетски капацитети нема да придонесат за енергетската безбедност поради прекумерната зависност, како што е случајот во Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора, или им остана мал економски потенцијал, како што е случајот со Бугарија и во Косово.

Албанија е речиси целосно зависна од хидроенергијата, Црна Гора околу 50 отсто, Босна и Херцеговина произведува околу една третина од својата електрична енергија во хидроцентралите, Србија околу 28 отсто, а Македонија речиси една четвртина. Кога потребата за развој на обновливи извори на енергија стана дел од политичката агенда на ниво на ЕУ кон крајот на 90-тите и почетокот на 21 век, владите на земјите од Југоисточна Европа најмногу гледаа на тоа како можност за изградба на повеќе хидроцентрали“, се наведува во извештајот објавен од „ЦЦЕ Бенквоч“ (CEE Bankwatch), „ЕуроНејчр“ (EuroNatur), „Ривервоч“ (RiverWatch) и „ВВФ Адриа“ (WWF Adria).

Иако некои земји во регионот тврдат дека имаат огромен неискористен потенцијал, авторите на студијата истакнуваат дека овие тврдења обично се засноваат на децениски процени од времето „кога врнежите беа попредвидливи, кога луѓето не се спротивставуваа на експропријацијата и кога беше малку познато за неверојатниот биодиверзитет на регионот“.

Во изминатите две децении, стотици мали хидроцентрали со моќност до 10 мегавати се изградени низ целиот регион, често во заштитени подрачја или други високо чувствителни живеалишта, додека обидите за изградба на „гринфилд“ хидроцентрали од над 10 мегавати во голема мера беа неуспешни, со исклучок на Албанија и во Словенија.

„Сепак, развивачите на проекти продолжуваат да ги туркаат плановите за изградба на нови големи хидроелектрични централи, пренасочувајќи ги ресурсите и напорите од развивање побрзи и поекономични алтернативи“, се истакнува во студијата.

Укажувајќи на ризиците од хидроенергетските проекти, во извештајот се оценува дека нивната реализација ќе биде сè потешко поради климатските промени, уникатната биолошка разновидност во регионот, правните предизвици, отпорот на јавноста и финансиските проблеми.

Авторите на извештајот препорачуваат нискоризични инвестиции кои можат да му помогнат на регионот да премине кон позелен, социјално и економски одржлив енергетски систем. Заедничко за сите земји од регионот, според анализата, е неискористениот потенцијал на енергијата од Сонцето и од ветерот.

Поврзани содржини