ДОАЃА НОВО, ПОДОБРО ВРЕМЕ! Изгласана новата влада на чело со Ковачевски

Легитимитетот на владата е неспорен и со зголемената поддршка на мнозинството одржлив во следните две години. Избори ќе има, но во 2024 година. Дотогаш, ќе работиме посветено на унапредување на економијата и квалитетот на животот на секој граѓанин, порача новиот премиер Димитар Ковачевски.

1,003

Собранието со 62 гласа „за“ ја изгласа вечерва новата Влада на Македонија. Нов премиер е Димитар Ковачевски, кој утре во 9 часот во зградата на владата ќе ја преземе функцијата од досегашниот премиер Зоран Заев, кој даде оставка.

Против гласаа 46 пратеници, а воздржани немаше. Присутни беа 108 пратеници.






Претходно, во завршницата на дводневната собраниска расправа Ковачевски рече дека внимателно ја следел и оти верува дека опозицијата ќе биде конструктивна и ќе соработува во интерес на носење закони од интерес на граѓаните.

– Легитимитетот на владата е неспорен и со зголемената поддршка на мнозинството одржлив во следните две години. Избори ќе има, но во 2024 година. Дотогаш, ќе работиме посветено на унапредување на економијата и квалитетот на животот на секој граѓанин. Најавив и цврсто остануваме на нашиот модел за ефикасно управување и транспарентно, фокусирано и базирано на резултати. Со работа започнуваме веднаш. Веќе на утрешната седница на Владата  отпочнуваме со носење на решенијата за енергетската криза. Утре ќе остварам и средба со новата германска министерка за Европа, на која ќе разговарам за забрзување на евроинтеграциите. Веќе во вторник, на мое огромно задоволство, ќе бидам домаќин на новиот бугарски премиер, г-динот Петков, со кога сакаме да воспоставиме нова соработка, базирана на почитување, поддршка и зачувување на македонскиот идентитет и посебност. Ќе се посветиме на стимулирање на домашни и странски приватни инвестиции. Секој министер има јасен и прецизен план со рокови и индикатори за следење на ефикаснота. Нудам партиципативност и уште еднаш ја повикувам целата опозиција за заедничка работа и консензус за клучните прашања. Да престанат политичките, етничките и социјални поделби, да престане говорот на омраза и на ширење и поттикнување на песимизам. Да ги тргнеме личните и теснопартиските интереси на страна, бидејќи сега повеќе од кога било треба да работиме во интерес на граѓаните. Верувам дека ќе ја подготвиме нашата држава за новото време. Доаѓа ново време, доаѓа подобро време – порача Ковачевски.

Ковачевски ќе има четворица заменици, Артан Груби (ДУИ) – прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Славица Грковска (СДСМ) – вицепремиер за борба против коруција и криминал, Бојан Маричиќ (СДСМ) – вицепремиер за европски прашања и Фатмир Битиќи (СДСМ) – вицепремиерот за економски прашања.

За членови на Владата се избрани: Оливер Спасовски (СДСМ) – министер за внатрешни работи, Славјанка Петровска (СДСМ) – министерка за одбрана, Никола Тупанчевски (предложен од СДСМ) – министер за правда, Благој Бочварски (СДСМ) – министер за транспорт и врски, Љупчо Николовски (СДСМ) – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Јована Тренчевска (СДСМ) – министерка за труд и социјална политика и Бисера Костадиновска Стојчевска (СДСМ) – министерка за култура, Горан Милевски (ЛДП) – министер за локална самоуправа, Беким Сали од Алтернатива – министер за здравство, Јетон Шаќири (ДУИ) – министер за образование и наука, Бујар Османи (ДУИ) – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими (ДУИ) – министер за финансии, Крешник Бектеши (ДУИ) – министер за економија, Насер Нуредини (ДУИ) – министер за животна средина, Адмирим Алити од Алтернатива, министер за информатичко општество и администрација и Џемаил Чупи од Алтернатива – министер без ресор задолжен за дијаспората.

Поврзани содржини