До вчера ја оговараа кај стигнат, сега ѝ честитаат и го караат Мицкоски што молчел – тоа е тоа лицемерие на пропагандата на СДСМ
Владата, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ја поткрепиле кандидатурата на Шекеринска во вистинскиот момент и на вистинскиот начин. Сѐ друго, помалку, но и повеќе од тоа, би било обично лигавење и чин спротивен на елементарната ментална хигиена.
Два пати едноподруго за изборот на Радмила Шекеринска за заменик генерален секретар на НАТО. Да не е тоа малце многу.
И да и не… Вчера пишував за значењето на ова несомнено историско достигнување на еден македонски политичар на меѓународен план и посебно за значењето на фактот што владата на Христијан Мицкоски ја поддржала кандидатурата на Шекеринска.
Шеќеринска во НАТО, или – македонски час по државничка зрелост и политичка култура
Но, овој политички и морално распаднат СДСМ не би бил тоа што е, да не се потрудеше да фрли дамка врз овој чин на зрелост на македонските политичари во моменти кога од нив се очекува да демонстрираат единство и државничка одговорност.
Не ги разбирам болеснициве од пропагандата на СДСМ…
Меѓународниот фактор го препозна значењето на она што се случи со кандидатурата на Шекеринска, а сдсмовците се насекирале што сите ѝ честитале на Шекеринска за изборот, а само ВМРО-ДПМНЕ молчела.
„Додека цела Македонија и Балканот гордо го слават историскиот успех на Радмила Шекеринска, која како прва од нашиот регион е избрана за заменик генерален секретар на НАТО, ВМРО-ДПМНЕ и Сиљановска одлучија да останат заглавени во сопствената малодушност“, се вели во соопштението на СДСМ.
Ете, тоа го смислиле „генијалциве“ на Бихаќка…
Не било доволно тоа што владата на ВМРО-ДПМНЕ ја поддржала кандидатурата на Шекеринска, за што премиерот Мицкоски доби и јавна честитка од американската амбасадорка Агелер.
Не е доволно тоа што ВМРО-ДПМНЕ го сторила она што овој залутан СДСМ не би го сторил никогаш, кога по игра на случајот би бил во ситуација да одлучува за ваква работа.
Неее… Требало ВМРО-ДПМНЕ да им се придружи на сите оние лицемери од СДСМ, кои со години ја понижуваа и ја оговараа Шекеринска кај што ќе стигнат, а сега ја испраќаат со поздрави и честитки, на новата „должност“.
Да, сум ја критикувал и јас Шекеринска за некои нешта. Но, не сум ја оговарал. Сум ја критикувал јавно, а не тајно. Кога се критикува, умее човек и да претера, но мислам дека не сум излегол од рамките на критиката за политички принципи и ставови.
А кога би седнал да ви раскажувам што сѐ се имам изнаслушано од нејзини најблиски „партиски другари“ и „соработници“, за нејзиниот лик и дело, би ви се кренала косата на главата. Тоа се истите луѓе кои сега „гордо“ ѝ честитаат.
Владата, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски ја поткрепиле кандидатурата на Шекеринска во вистинскиот момент и на вистинскиот начин. Сѐ друго, помалку, но и повеќе од тоа, би било обично лигавење и чин спротивен на елементарната ментална хигиена.