ДО СЕПТЕМВРИ САД ЌЕ ЈА ЗНААТ ПРИЧИНАТА ЗА ЕПИДЕМИЈАТА НА АУТИЗАМ Роберт Кенеди Џуниор најави масовно истражување со стотици научници
Во февруари беше формирана специјална комисија предводена од американскиот секретар за здравство, Роберт Кенеди Џуниор, со задача да ги испита причините за растот на аутизмот, астмата и за количината на лекови што се употребува кај децата со разни состојби.
Американските власти до септември оваа година ќе ја утврдат причината за аутизмот, изјави американскиот секретар за здравство, Роберт Кенеди Џуниор.
– Ќе знаеме до септември. Почнавме масовно тестирање и истражување во кое ќе бидат вклучени стотици научници од целиот свет. До септември ќе знаеме што ја предизвикало епидемијата на аутизам и ќе можеме да ги елиминираме тие изложувања – рече Кенеди на состанокот на кабинетот на претседателот на САД, Доналд Трамп.
Во февруари, Трамп нареди да се создаде комисија „Направи ја Америка повторно здрава“, во која членуваат Кенеди и други министри, за да се испита сѐ, од стапките на аутизам и астма кај децата до количината на лекови што им се препишани за АДХД или за други состојби.
Дијагнозите за аутизам во САД значително се зголемија од 2000 година, што ја засили загриженоста на јавноста. Научниците истражуваат со децении кои генетски или еколошки фактори можат да придонесат за аутизам, но причините за повеќето случаи остануваат нејасни.
Кенеди долго време ја промовираше врската помеѓу вакцините и аутизмот, и покрај научните докази за спротивното.