До сабота не се очекува лидерска ни за изборите, ни за преговорите

Османи заедно со Пендаровски сака да иницира тематска средба со партиите за постигнување консензус за преговарачкиот процес со ЕУ.

521

Ни лидерска за датум за изборите, ни средба кај претседателот Стево Пендаровски за ЕУ не се очекува пред истекот на четвртата вонредна состојба в сабота, барем според информации од партиите.

Најголемите партии од македонскиот политички блок не ги поместија ставовите за изборите. За СДСМ е јасно дека ако нема нова вонредна состојба предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 5 јули. ВМРО-ДПМНЕ остнува на ставот дека е лудо да се зборува за датум за избори при енормен пораст на заболени од ковид-19 во земјава.






Нема ниту јасна позиција дали и кога кај Пендаровски ќе има средба со цел земјата да се подготви за почеток на преговорите со ЕУ и изградба на заедничка политичка позиција, која вчера на прес конференција ја иницира вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи. Сите чекаат.

Неофицијално, Пендаровски чека абер од партиите дали се подготвени за таков состанок. Османи смета дека заедно со претседателот треба да договорат средба со партиите, а партиите или не се изјаснуваат или сметаат дека само новото мнозинство ќе биде надлежно за интеграција на земјава во ЕУ.

Од Кабинетот на Пендаровски велат дека во однос на прашањата кои се од стратешка важност за државата како на внатрешен така и на надворешен план, претседателот е подготвен да свика лидерска средба доколку за тоа прашање има согласност од политичките партии.

– Но, во овој период главниот фокус е ставен на справување со кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19 и утврдување термин за одржување на предвремените парламентарни избори – велат извори од Кабинетот на Пендаровски.

Шефот на државата претходно веќе изјави дека лидерска за изборите ќе има само доколку партиите ги приближат ставовите.

Османи комуницирал со шефот на државата пред јавно да ја обелодени иницијативата. Тој смета дека заедно со Пендаровски треба да ги комуницираат партиите.

– Мислам дека оваа иницијатива треба да биде заедничка на Пендаровски и моја и заеднички треба да ги поканиме партиите и сметам дека средбата треба да биде тематска – ни изјави Османи.

Кога ќе има таква средба, вицепремиерот вели дека зависи од Пендаровски.

Генералниот секретар на СДСМ Љупчо Николовски за Плусинфо вели дека е потребен натпартиски консензус за стратешки важните прашања.

Секако дека е потребен натпартиски консензус за стратешки важните прашања. СДСМ и досега правеше големи напори за клучните стратешки теми, како Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија, Законот за јавно обвинителство и многу други, но за жал, опозицијата не се вклучуваше, со што покажа дека нема државнички капацитет. За СДСМ клучно е целосна вклученост на сите релевантни институции, со сите свои капацитети во евроинтеграцискиот процес, особено претседателот, владата, Собранието. Затоа, воспоставување на целосно функционално Собрание е исклучително важно токму и од овој аспект, за да може евроинтеграцискиот процес да продолжи соодветно и со сите собраниски механизми кои на опозицијата ѝ стојат на располагање – ни изјави Николовски, но не прецизира дали таква средба би била по изборите.

Тој го повтори ставот дека организирањето на изборите е завршена работата.

– Согласно Уставот и согласно законите, изборите треба да се одржат 22 дена по завршувањето на вонредната состојба. Во случај вонредната состојба да не продолжи, тогаш 5 јули е денот кога согласно законите и Уставот треба да се одржат изборите – вели Николовски.

Од ВМРО-ДПМНЕ повторија дека по прекинот на разговорите пред прогласувањето на четвртата вонредна состојба, нема канал на комуникација помеѓу партиите. Според партијата, лудо е да се зборува за датум за избори при енормен пораст на заболени од коронавирусот. За иницијативата на Османи велат дека до вчера не добиле никаква понуда. Ако ја добијат, од таму велат дека прво ќе ја разгледа партијата и потоа ќе се произнесат.

Од Алијансата за Албанците велат дека оваа влада како техничка има мандат само да ја подготви државата за избори според пржинскиот модел и дека нема политичка моќ во однос на интеграцијата на земјата.

– Ние сме за секаква средба кај претседателот на државата за иднината на земјава и на нејзините граѓани, но прво оваа влада треба да ги даде првите резултати со борбата против ковид-19, а потоа да ја подготви земјата за предвремените парламентарни избори. Новото политичко и легитимно мнозинство ќе биде надлежно и одговорно за процесот на интеграција на земјава во ЕУ – вели Флакрон Беџети, портпарол на Алијанса за Албанците.

Тие остануваат на позицијата дека изборите треба да бидат на 26 јули, бидејќи сметаат дека дотогаш ќе спласне пандемијата, ќе се отворат границите за да може и дијаспората да дојде во земјава и изборите да ги набљудува ОБСЕ/ОДИХР.

Од партијата на Али Ахмети велат дека неформални контакти помеѓу партиите за изборите има, но оти засега нема ништо конкретно.

Поврзани содржини