До кога ќе молчат Пендаровски, Ковачевски, Агелер и Гир за средбата на која се договарало враќање на Груевски во земјата?

Би сакал да слушнам коментар, посебно од амбасадорката Агелер - во која нормална демократска земја, членка на НАТО и кандидатка за членство во Европската унија, е дозволено локални политичари, заедно со водечки амбасадори, да разговараат за спроведување на своевиден политички пуч, заради промена на Уставот и заради слабеење на опозицијата? Тоа ли се тие европски вредности кон кои се стремиме?

9,052

Редно е македонската јавност да слушне објаснувања, а веројатно и извинувања, од актерите на една многу грда приказна од нашата понова политичка историја, за која до скоро се шепотеше со половина уста, но сега веќе се зборува отворено и јавно. Во едно цивилизирано и демократско општество, какво што Македонија сака да биде, ваквите скандали мора да завршуваат со преземање морална, политичка, а кога е тоа неопходно и – законска одговорност.

Станува збор за тајната средба кај претседателот Стево Пендаровски, одржана во март 2023 година, на која шефот на државата, тогашниот премиер Димитар Ковачевски, Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи и Бојан Маричиќ договарале како да го вратат осудениот и избеган поранешен премиер Никола Груевски од Унгарија во Македонија. Во својата последна објава, неделникот „Фокус“ ги именува и двајцата моќни западни амбасадори кои биле на средбата – американската амбасадорка Анџела Агелер и тогашниот амбасадор на Европската унија, Дејвид Гир.






Кога молкот зборуваше посилно од штурите изјави…

Јас за оваа средба прв пат пишував на 16 мај 2023 година:

„Наводно, кон крајот на април, за време на прославите на деновите на НАТО, на една средба ‘од нога’ меѓу луѓе од државниот врв, на претседателот Стево Пендаровски му било предложено да размисли за можноста Никола Груевски и некои други лица да бидат ‘амнестирани’, што би ‘помогнало’ во обезбедувањето на потребните гласови од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за изгласување на уставните измени“.

Во тој текст не ги соопштив имињата на другите присутни на средбата (одржана сепак во март, а не во април 2023 година), бидејќи немав потврда. Но, интересно е дека тогаш побарав и веднаш добив изјава од Груевски, кој рече:

„Немам информации за некакви притисоци било кому, ниту од некого сум барал такво нешто. Не се подготвувам за враќање во Македонија, од причина што политичкиот прогон на власта сѐ уште трае со ист интензитет како пред околу шест години. Никој не барал од мене да ослабнам нечии позиции за било кое прашање, ниту би прифатил некој да води таков тип на дискусија со мене“.

НИКОЈ НЕ БАРАЛ ОД ГРУЕВСКИ ДА ГО СКРШИ ОТПОРОТ НА ВМРО-ДПМНЕ ПРОТИВ УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ „Не би прифатил некој да води таков тип дискусија со мене“, вели поранешниот премиер

Освен партијата ДУИ, сите други лица инволвирани во оваа средба и во поширокиот план за враќање на Груевски во Македонија, тогаш ја одмолчаа оваа информација. Јас се повикав на неименувани извори, кои тврдеа дека Пендаровски енергично ја одбил таквата можност.

Втор пат за оваа средба пишував во напис во Плусинфо за битката на Зоран Заев со раководството на СДСМ. Написот беше објавен на 7 ноември 2023 година и во него, меѓу другото, се вели:

„Реакцијата на Заев несомнено значително ја ‘поскапела’ операцијата за враќање на Никола Груевски во земјата. Особено што таа доаѓа после еден сериозен гаф на првата неформална средба на која лидерот на ДУИ, Али Ахмети, пред претседателот Стево Пендаровски, пред премиерот Ковачевски и пред други лица и ја промовирал својата иницијатива за амнестија на Груевски и за негово враќање во земјата. Се зборува дека деталите од таа средба, на која присуствувале и двајца влијателни амбасадори на земји од Запад, протекле во политичките кулоари на еден несекојдневен и скандалозен начин. За своите сознанија за тој гаф, Плусинфо ќе ја извести јавноста кога ќе ги потврди деталите“.

„БЕРЕТЕ УМ, ЌЕ МУ КАЖАМ НА НАРОДОТ ШТО ПРАВИТЕ!“ Плусинфо ексклузивно открива детали за разговорите на Заев со Ковачевски и со Зечевиќ за планот за враќање на Груевски

„Фокус“ ги откри имињата на двајцата западни амбасадори

Капак на ова стави неделникот „Фокус“, во статија, во која, меѓу другото, се вели:

„На оваа средба, одржана лани во март, присуствувале Стево Пендаровски, Димитар Ковачевски, Али Ахмети, Бојан Маричиќ, Артан Груби, Бујар Османи, Анџела Агелер и Дејвид Гир. Притоа, Ахмети посочил дека Груевски може да се врати на два начина – преку помилување од претседателот или преку судовите. Всушност, ова бил најсензитивниот дел на средбата, кој бил пробиен од страна на рамковно вработен административец. Додека траеле ‘тајните’ разговори, ова лице влегло во кабина на преведувач, успеало да го сними разговорот со телефон и на крајот снимката му ја предава на Блерим Беџети, кој тогаш е дел од ‘огнената група’ во ДУИ. На тој начин, содржината од аудио-снимката, претходно симната на хартија, завршува во раце на Христијан Мицкоски, бидејќи во тоа време ‘огнените’ се во конфликт со Груби, Османи, па и со Ахмети. Откако Пендаровски одбива да го помилува Груевски, а Ковачевски на средба со Ентони Блинкен во САД вели дека без нивна помош не може да се истуркаат уставните измени, од амбасадата на САД излегува нон-пејпер, кој, меѓу другото, предвидува активирање делови од поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Иако не бил конкретно споменат, очигледно се алудирало на Груевски, поради кој практично се донесени измените на Кривичниот законик, со цел да се охрабри да почне да дејствува уште од Будимпешта. Меѓутоа, тој барал целосно чиста ситуација за да може да се врати во земјава, по што ДУИ почнува да ја турка амнестијата на Ѓорге Иванов преку Врховниот суд. Сепак, интегративците прават лоша проценка дека ќе придобијат доволен број врховни судии, па целата работа почнува да се компликува и да излегува од контрола и на крајот операцијата пропаѓа, а своја улога и придонес за тоа имале и Зоран Заев и Виктор Орбан…“

Присутните на средбата да дозволат да го видиме транскриптот

Што можеме да заклучиме од сите овие написи? Најмалку пет работи:

Прво, познати се имињата на сите учесници на средбата на која се разговарало за можното помилување или амнестија на Груевски и за неговото враќање во земјата. Никој од спомнатите досега не демантирал дека бил на средбата.

Второ, јавно се соопштени имињата на двајцата моќни западни амбасадори – Анџела Агелер и Дејвид Гир – кои биле на средбата.

Трето, поголем дел од актерите молчат за тоа што било кажано на средбата и за поширокиот план за враќање на Груевски во земјата. Ако не се огласат, јавноста молкот ќе го прифати како потврда на шпекулациите.

Четврто, неспорно е дека постоела скандалозна идеја за враќање на Груевски во земјата, со цел да се поткопаат позициите на ВМРО-ДПМНЕ, не само заради уставните измени, туку и поради очекуваниот триумф на Христијан Мицкоски на претстојните избори.

И петто, постојат снимка и транскрипт од оваа средба.

Како да се затвори скандалот?

Ова го очекувам од домашните актери на скандалот:

Прво, предлагам сите присутни на средбата со посебни изјави да одобрат снимката и транскриптот јавно да се објават. Јавниот интерес во овој случај е неспорен.

Второ, очекувам тогашниот претседател Пендаровски, како домаќин на средбата, значи во ролјата која носела посебна одговорност, јавно и детално да објасни за што се разговарало, да го потврди списокот на присутните и да соопшти која била неговата позиција.

Трето, очекувам тогашниот премиер Димитар Ковачевски да објасни која била неговата позиција на таа средба и дали е вистина тврдењето дека од Блинкен барал американска помош за да се протуркаат уставните промени.

Посебни прашања за амбасадорите Агелер и Гир

Посебни прашања имам и за актуелната американска амбасадорка на САД Анџела Агелер и за тогашниот амбасадор на ЕУ, Дејвид Гир:

Прво, би сакал објаснување врз основа на кои делови од Виенската конвенција за дипломатски односи, клучен документ за дипломатското право, амбасадорите Агелер и Гир биле присутни и учествувале на средба на која се договарала една таква скандалозна операција поврзана со внатрешните политички односи во Македонија.

Второ, би сакал амбасадорката Агелер и амбасадорот Гир јавно да соопштат какви биле нивните ставови за идејата за амнестија или за помилување на Груевски заради негово враќање во Македонија.

И трето, би сакал да слушнам коментар, посебно од амбасадорката Агелер – во која нормална демократска земја, членка на НАТО и кандидатка за членство во Европската унија, е дозволено локални политичари, заедно со водечки амбасадори, да разговараат за спроведување на своевиден политички пуч, заради промена на Уставот и заради слабеење на опозицијата?

Јавноста има право да знае!

Нека биде транспарентно!

 

Поврзани содржини