ЃОКОВИЌ НЕ СЕ ПРИЈАВИЛ ЗА „АВСТРАЛИЈА ОПЕН“ Денес е денот „Д“, од тенисерот ниту глас
Неизвесно е дали Нова ќе ја брани својата титула од 17 до 30 јануари идната 2022 година, бидејќи ниту организаторот, ниту српскиот тенисер, кој најави дека заминува на заслужен одмор по поразот на Србија во Дејвис купот, официјално не се огласиле.
Светскиот тениски ас и првак Новак Ѓоковиќ имаше рок од денес (6 декември) да се пријави на престижниот турнир „Австралија Опен“, но тој уште не го сторил тоа, пишува Мондо. Тенисерот ги разгоре медиумите ширум планетата со неговото одбивање да се приклони кон мерките за влез државата Викторија каде се одржува турнирот велејќи дека дали е вакциниран или не е негова лична работа.
Неизвесно е дали Нова ќе ја брани својата титула од 17 до 30 јануари идната 2022 година, бидејќи ниту организаторот, ниту српскиот тенисер, кој најави дека заминува на заслужен одмор по поразот на Србија во Дејвис купот, официјално не се огласиле.
– Ќе бидете информирани. Нема да ви одговорам сега. Ќе бидете информирани, само тоа можам да кажам. Нема да дадам датум. Австралија е блиску … – беше сè што изјави Ѓоковиќ по мечот со Хрватска.
Пред тоа, неговиот татко Срѓан Ѓоковиќ најави дека неговиот син „нема да се согласи на уцени“ и дека е поблиску до одлуката да не игра, а слично нешто потврди и самиот Новак пред заминувањето на Мастерс-от во Париз. Објасни дека сака да игра на Австралија опен, но не му се допаѓа целиот хаос околу вакцинацијата.
Според некои, не е исклучено Ѓоковиќ да се пријави на турнирот, а подоцна да донесе одлука дали ќе учествува бидејќи сепак може да се повлече, доколку не сака да ги прифати правилата на Австралија Опен.
– Не знам дали ќе одам во Австралија, не знам што се случува. Во моментов ситуацијата воопшто не е добра – вознемирено изјави Новак тогаш, кога го погодија насловите во весниците.
– Не сакам да го откријам мојот статус дали сум се вакцинирал или не. Тоа е приватна работа – решително изјави тенискиот првенец.
Ако игра на турнирот, Ѓоковиќ ќе се обиде да стигне до 21-от Грен слем во својата кариера и да ги победи Рафаел Надал и Роџер Федерер со кои моментално е изедначен.