До 8 дена се чека за земање брис преку матичен, нема план за договори на Фондот со приватните лаборатории
Термините за тестирање за наредната недела се пуштаат во петок и термините се слободни од сабота до наредниот петок, што значи дека се чека од 1 до 8 дена.
Од еден до осум дена се чека за добивање термин за земање брис во државните пунктови преку матичен лекар, но засега не се планира да се склучат договори за тестови за ковид-19 со приватните лаборатории, велат од Министерството за здравство.
– Термините за тестирање за наредната недела се пуштаат во петок и термините се слободни од сабота до наредниот петок, што значи дека се чека од 1 до 8 дена. Тестови има во доволен број за сите оние кои треба да се тестираат за ковид-19. Состојбата со коронавирусот низ државата се следи во континуитет и доколку се појави дополнителна потреба од капацитети, ќе се преземат соодветни активности – велат од Здравство.
Во последните две недели нагло порасна бројот на заболени од ковид-19 во Македонија, а со тоа и интересот за тестирање кај граѓаните кои сакаат да проверат дали се заразени. Статистиката покажува дека најголем број тестови се прават во приватните лаборатории и дека капацитетот на Институтот на јавно здравје е дневно околу 500 тестирања. Иако веќе осми месец се соочуваме со пандемија со вирусот ковид-19, Министерството за здравство не го надгради капацитетот на оваа државна инстутиција со опрема и со кадар со цел овде да се прават повеќе тестирања на дневно ниво.
На прашањето во овој момент колку тестови дневно најмногу може да се прават во лабораторијата на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) и зошто не се користи целиот капацитет, од Министерството одговараат:
– Бројот на тестови кои се прават во лабораторијата на Институтот за јавно здравје секојдневно се менува во зависност од потребите на Центрите за јавно здравје – пунктови, клинички пациенти и пациенти кои се тестираат на сопствено барање. Најмногу прием досега се 897 тестови на ден, а скоро секој ден во неделата нема помал број од 500 тестови во текот на еден ден. Во текот на викендот, минимум е околу 250 до 300 тестови.
Колку за илустрација, во некои приватни лаборатории дневно се прават по 400-500 теста.
Од Здравство нагласуваат дека засега не се планира да се склучат договори за тестови за ковид-19 со приватните лаборатории.
– Од Фондот за здравствено осигурување нѐ информираа дека немаат склучено договор со ниту една приватна лабораторија за тестирање од ковид-19. Од приватните здравствени установи – Авицена, Биотек, Жан Митрев и Систина прават тестирање за коронавирус. Министерството за здравство, секој ден во дневниот извештај известува со статистика од резултатите од тестирањето и од овие приватни установи. Во моментов нема податок за план за склучување на договори за тестови за ковид-19 со приватните лаборатории – рекоа од Здравство.
Засега, додаваат оттаму, не се планира масовно тестирање, но доколку Комисијата за заразни болести утврди дека ќе се појави потреба, ќе биде планирано.
Пунктови за земање брисеви во Скопје има во поликлиниките Јане Сандански, Ченто, Чаир и во Млин Балкан. Во внатрешноста на земјава, пунктови за земање брисеви има во Охрид, Тетово, Ресен, Прилеп, Битола, Велес, Гевгелија, Струмица, Кочани, Куманово, Кавадарци, Кичево, Штип, Струга и во Свети Николе. ЦЈЗ Битола врши тестирање за пунктовите од Битола, Ресен и Кичево. Останатите брисови се носат во ИЈЗ и во МАНУ на тестирање.