До 5 дена се чека за брис, до 3 дена за резултат од ковид-19
Ако станува збор за клинички или итни тестирања, резултатите се добиваат за не подолго од 24 часа.
До три дена се чекаат резултатите од тестирањето за ковид-19 во јавните здравствени установи, велат од Министерството за здравство.
Ако станува збор за клинички или итни тестирања, резултатите се добиваат за не подолго од 24 часа.
– Согласно зголемениот обем на работа на лабораториите, резултатот од некои тестирања, како и оние од пунктовите за кои е потребно време на дистрибуција може во определени случаи да биде пролонгиран и во следните 48 или 72 часа – велат од Здравство.
Од Министерството вчера одговорија дека од еден до пет дена се чека за да се добие термин за земање брис за ковид-19. Ако се соберат максималните денови за чекање термин за брис и за резултати испаѓа дека од моментот кога некој ќе почувствува симптоми додека го добие резултатот ќе поминат 8 дена, кои се клучни за лекување на пациентот. Најбрзо за два дена може да се добијат термин и резултат во јавните здравствни установи. Додека, пак, во приватните лаборатории резултатите се добиваат истиот ден кога се прави тестирањето.
Вчера се направени 2.140 тестирања при што се регистрирани рекордни 364 нови случаи на ковид-19 во земјава. Од вкупниот број тестови во Институтот за јавно здравје каде се прават најмногу тестови на дневно ниво и во последно време во просек се некаде околу 500-600 дневно, вчера се направени 533 тестирања, во Центарот за јавно здравје се направени 95, додека на пример во приватната лабораторија „Авицена“ се направени 375, а на Клиниката „Жан Митрев“ дури 400 тестирања.
Од Министерството за здравство објаснуваат дека термините за тестирање се пуштаат согласно капацитетите на лабораториите, а пациентите се праќаат на раздалеченост која обезбедува немешање на болните при земање на брис.
– Матичниот лекар веднаш пополнува алгоритам и доколку согласно одговорите го помине алгоритмот, матичниот веднаш закажува тестирање во слободен термин, кој може да биде во период од 1 до 5 дена – велат од Здравство.