ДИРЕКТОРКА ПОТПИШУВАЛА, ПРАВНИЧКА ПОДГОТВУВАЛА Присвоиле 145.000 денари од буџетот за работа која не постоела
Против двете вработени во болницата во Отешево е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и лични податоци за фиктивен договор, фиктивна исплата и реална штета.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека СВР Битола поднела кривични пријави против две жени – директорка и правничка во специјализирана болница, поради сомнение за финансиски криминал и злоупотреба на лични податоци.
– СВР Битола поднесе кривична пријава против А.П. (68) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и против М.Д. (60) од Ресен поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на лични податоци“ – велат од полицијата.
Првопријавената А.П., во својство на директорка на Јавната здравствена установа – Специјализирана болница Отешево, за време на 2022 и 2023 година склучила три договори на дело со едно лице од Ресен. Од нив, само два биле лично потпишани од лицето, додека третиот бил потпишан од друго лице, без негово присуство и ангажман.
Иако работата не била извршена, директорката со службен токен одобрила исплата од 145.904 денари преку жиро сметката на установата, нанесувајќи финансиска штета на Министерството за здравство.
Осомничената правничка и советник за човечки ресурси – М.Д., пак, ги изготвила договорите без знаење и согласност од лицето, злоупотребувајќи ги неговите лични податоци и банкарска сметка. На овој начин, во болницата била извршена исплата за фиктивно извршени услуги.
Од МВР потврдуваат дека по целосно документирање на случајот, предметот е предаден до надлежното Обвинителство.