ДИРЕКТОРИ ГО НАПУШТААТ БРОДОТ НА ДАНЕЛА Христовски и Мицевски се солидаризираа со Перински
Морам да го истакнам немањето на координација и достапност со градоначалничката Арсовска и покрај бројните мои обиди тоа да биде сменето. Во такви едни услови сметам дека првенствена задача за еден градоначалник не смее да биде личната пресметка и хајка кон поединци, каква што видовме вчера, туку посветување на приоритетите и проектите кои се основна задача, соопшти директорот на депонијата „Дрисла“, Јане Мицевски.
Откако градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, вчера го разреши директорот на ЈП „Водовод и канализација“, Златко Перински, и откако по разрешувањето му упадна на „збогувачката“ прес-конференција и предизвика расправија пред камерите, денеска, повеќемина актуелни директори на јавни претпријатија назначени токму од Арсовска, почнаа да си поднесуваат неотповикливи оставки.
Првиот што повлече нога е директорот на „Градски паркинг“, Бојан Христовски, кој преку статус на Фејсбук се пожали на лошата комуникација со градоначалничката.
– Поради незаинтересираноста на првиот човек на Градот за потребите на скопјани и градски паркинзи, како и поради драстично намалената поддршка на проектите кои со сопствени средства ги реалираме денес, поднесувам неотповиклива оставка од позицијата вд директор на ЈП Градски паркинг – напиша Христовски.
Веднаш по него оставка си поднесе и директорот на депонијата „Дрисла“, Јане Мицевски, кој вели дека не може да ја прифати личната пресметка и хајка на градоначалничката Данела Арсовска кон поединци.
„Како директор на депонијата Дрисла сакам да посочам дека во овој 10-месечен период откако го преземав претпријатието направив стабилизација и негова консолидација и отпочнав со процес на инвестиции кои се во насока на подобрување на работата на истото. Но секој индивидуален успех на било кое претпријатие не е целосен доколку истото не добие потркепа од колективитетот во кој Дрисла мора да функционира, а тоа е Градот и нејзиниот прв човек. Морам да го истакнам немањето на координација и достапност со градоначалничката Арсовска и покрај бројните мои обиди тоа да биде сменето. Во такви едни услови сметам дека првенствена задача за еден градоначалник не смее да биде личната пресметка и хајка кон поединци, каква што видовме вчера, туку посветување на приоритетите и проектите кои се основна задача. Дополнително, Дрисла се соочува со сериозен проблем поради сметките за струја кои се сериозен удар на претпријатието, а за жал до сега претпријатието нема никаква поддршка од Градот Скопје. Поради сето ова јас денес си поднесувам неотповиклива оставка од местото прв човек на Дрисла“, напиша Мицевски на Фејсбук.