📽️ ДИРЕКТЕН СУДИР НА ДВА ВОЗА ВО ДАНСКА Повеќе повредени, четворица во критична состојба
Несреќата се случила рано утринава, сите патници се евакуирани, а истрагата за причините е во тек.
Два воза се судрија директно утринава северно од Хилерод, при што има повеќе повредени, од кои дел се во критична состојба.
Несреќата се случила околу 6:30 часот на премин на патот Истеродвејен, а на терен веднаш излегле полицијата и службите за итни случаи. Сите патници биле евакуирани од вагоните.
Според локалните служби, четири лица се во критична состојба, додека вкупно 17 повредени се пренесени во болница. Дел од нив биле транспортирани со хеликоптер.
Градоначалничката на општината Грибсков, Трине Егетвед, објави дека има „многу повредени“, при што 12 лица биле пренесени во критична состојба во Ригшхоспиталете.
Од службите за итни случаи информираат дека „ситуацијата е под контрола“ и дека сите повредени се извлечени и пренесени од местото на несреќата.
– Два локални воза се судрија челно, и од она што можеме да го видиме, тоа се случило со релативно голема брзина – изјави портпаролот Тим Оле Симонсен.
Железничкиот сообраќај во регионот е во прекин, а делницата меѓу Истеродвејен и Кагеруп е затворена. Надлежните вршат техничка истрага за причините за несреќата.