БУГАРСКАТА ЗАБРАНА ЗА МЕНКИНОВСКИ ПРЕД СОВЕТОТ НА ЕВРОПА? Комесарот за човекови права ќе го разгледа случајот

Комесарот О’Флаерти ќе ги прими на разговор двете македонски пратенички - Бисера Костадиновска-Стојчевска од редовите на СДСМ и Ивана Василевска од ВМРО-ДПМНЕ - за да се запознае со деталите за овој случај.

0

Комесарот за човекови права на Советот на Европа Мајкл О’Флаерти на прашање на пратеници од Македонија рече дека внимателно ќе го испита случајот на македонскиот адвокат Тони Менкиноски кому му е забранет влез во Бугарија на 10 години, затоа што е застапник на македонските организации кои бараат регистрација во Бугарија, јави дописникот на Нова Македонија од Франција.

– Во тек сум за овој случај и морам внимателно да го испитам. Од она што го разбирам, на адвокатот наводно му било забрането да влезе во земјата неколку години додека се обидувал да ги застапува луѓето таму. Ќе ја разгледам оваа ситуација и сум спремен да организирам соодветни размени за подобро да ги разберам влоговите што се во прашање – рече комесарот О’Флаерти, одговарајќи на прашање од пратеничка од редовите на СДСМ Бисера Костадиновска-Стојчевска во рамките на разгледувањето на годишниот извештај на Комесарот за човекови права на Советот на Европа.

Тој рече дека утре ќе ги прими на разговор двете македонски пратенички Бисера Костадиновска-Стојчевска од редовите на СДСМ и Ивана Василевска од ВМРО-ДПМНЕ за да разговара за овој случај.

Претходно на пролетната сесија на ПССЕ, и генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, изрази подготвеност институцијата внимателно и детално да се запознае со случајот со адвокатот Тони Менкиноски, по поставеното прашање од пратеничката Ивана Василевска.

Генералниот секретар на Советот на Европа најави дополнителни консултации и анализа во рамки на институционалните механизми.

Поврзани содржини