ДИМОВСКИ И СПАСОВСКИ ДА ОДГОВАРААТ ЗА СКАНДАЛОТ „ОНИШЧЕНКО“ До кога МВР и АНБ ќе соработуваат со белосветски мафијаши?
ВМРО-ДПМНЕ очекува институциите да реагираат со одземање на државјанството на Онишченко, а министерот Оливер Спасовски и директорот Виктор Димовски да поднесат оставка, изјави Александар Николоски, потпретседател на опозициската партија.
Виктор Димовски и Оливер Спасовски треба да понесат одговорност за давањето македонско државјанство на белосветскиот криминалец, Украинецот Онишченко, кој е на црна листа на САД, а по кој официјално трага и Украина. изјави денеска Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Никакви суспензии на службеници не може да ја тргнат вината од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и од директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Виктор Димовски, рече Николоски на прес-конференција и додаде:
– Покрај тоа што Онишченко е на црната листа на САД, тој е и лице по кое има потерница од страна на Украина, имено на веб сајтот на МВР на Украина стои името и податоците токму на ова лице. Овие податоци морало да бидат проверени од АНБ и МВР. И Спасовски не може да избега од одговорност, исто како што не може да избега од одговорност за издадените пасоши на Шкаљарците, Седат Пекер и na редица други белосветски криминалци, кои што гледаме како се убиваат помеѓу себе со македонски пасоши. Очигледно, Оливер Спасовски преферира лица кои се на црната листа на САД, за бизнис соработка, како што е големиот скандал кој што го изнесов во јавноста за соработка со фирмата „Инфинити” на синот на Додик. Оливер Спасовски како Министер за внатрешни работи директно ја загрозува нашата, но и безбедноста на нашите сојузници од НАТО и од ЕУ.
ВМРО-ДПМНЕ очекува институциите да реагираат со одземање на државјанството на Онишченко, а Спасовски и Димовски да поднесат оставка.
– Не може Македонските безбедносни служби наместо за сузбивање на криминалот, заштита на уставно правниот поредок на Македонија да се користат за поддршка и логистика на белосветски мафијаши – рече Николовски.
Видео-запис од настапот на Александар Николовски: