Димитров: Има работи за кои може да разговараме, но има работи за кои нема дискусија

467

Деновиве правиме се за ние и нашите соседи, нашето пријателство и заедничката европска иднина да излеземе од овие предизвици како победници, силни идни партнери и добри комшии, изјави вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, коментирајќи ги  последните случувања на релација Скопје-Софија, но и последната изјава на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов.

– Господинот Каракачанов има обврска и право да ги застапува бугарските позиции, како што ние имаме обврска и право да ги застапуваме македонските позиции. Ама и ние и тие имаме и обврска да се грижиме за пријателството. Сакам уште еднаш да потенцирам дека има некои работи за кои можеме да разговараме, и некои работи за кои нема дискусија – нагласи Димитров.






Тој вели дека ниту со Бугарија, ниту со која било друга земја или организација, не можеме да преговараме за тоа кои сме, каков јазик зборуваме, и кој ни е идентитетот.

– Со други зборови, нема компромис околу нашето право на самоопределување. Македонското бидување не загрозува ничие друго, а взаемната почит е основа за секое вистинско пријателство. Тоа се универзални човекови права, вградени во вредностите на ЕУ и Унијата треба и може да се проширува само преку афирмација на тие вредности, никако преку нивно загрозување. Впрочем, како што вели и новата методологија, „сите треба да се воздржат од злоупотреба на билатералните прашања во пристапниот процес” – порача Димитров.

Поврзани содржини